ПРЖИНО: Изборите се веќе одложени или…?!
Нема договор за предвремени парламентарни избори. Дел од експертската јавност пржинскиот договор го прогласи мртов, дел велат дека излезот е во формирање на техничка, нацинална или широка коалициска Влада, додека пак некои сметаат дека избори на 24 април мора да има. Завршувањето на преговарачката рунда во Пржино без епилог со договор предизвика различни толкувања во политичките, бизнис и новинарските кругови. Мислењата се различни, од тоа дека одложените избори се непоходност до ставот дека тие мора да се спроведат, како дел од политичкиот договор во Пржино.
Еве дел од мислењата, прогнозите и ставовите на уредници, политичари, професори и активисти од невладиниот сектор.
Ерол Ризаов, уредник :
“Сите директни активности во реализација на договорот од Пржино, кои се поврзани со слободни избори, се' уште се тврдо опструирани од власта и за нив нема реализација во практиката. Медиумската агонија во Македонија не само што не е подобрена, таа дополнително е влошена со уште посилен притисок врз уредувачките политики и врза економската и професионална нивна независност“.
Никола Поповски, универзитетски професор:
“Преговорите за подобра иднина на Македонија пропаднаа. Искрено и не очекував дека ЕУ со извесниот Хан ќе успее со Македонија од многу причини. Да наведам три:1. Во Македонија условите за доброволно прифаќање на демократијата и фер избори уште не се зрели. Тоа е посебна и голема тема. 2. За некому нешто да наметнете во политиката треба да користите сила или противуслуга. ЕУ не може да користи сила, а единствената проитвуслуга во вид на преговори за членство не може да ја испорача од милион причини. Дури и кога Македонија демократски, економски и реформски би напредувала, во што не верувам, ветото од Грција по принципот користен и во НАТО секако дека ќе остане на сила. 3. ЕУ нема доволно концентрација и мотиви за Македонија бидејќи и самата е прилично дезориентирана и соочена со свои огромни проблеми“.
Антонио Милошоски, пратеник на Вмро-Дпмне:
“Ѓаволот толку не бега од темјан, колку што Заев бега од избори.. шпринт“.
Ивон Величковски, Либерална Партија:
“Еврокомесарот Хан вчера разговорите ги водеше пристрасно, но грешката е направена во старт, кога на инсистирање на еврокомесарот беше фиксиран датум за избори. Се виде дека тоа е погрешно и затоа веќе нема основа да се третира тој пристап за решавање на кризата. Сега, лидерот на СДСМ треба да го прогласи Договорот за ништовен, да ги повлече министрите и заменици-министри од Владата и да бара формирање нова Влада“
Илија Димовски, пратеник, Вмро-Дпмне:
“Народот на Македонија ќе ја донесе одлуката!!!“
Владимир Пешевски, вицепремиер:
“Тие започнаа криза, предизвикаа криза во државата, предизвикаа несигурност кај луѓето и сите ние на еден начин во исчекување сме кога ова ќе заврши. Бараа избори, а сепак кога дојде фазата да се договориме за нив, она што го прави СДСМ и Заев е тоа дека бегаат од избори“
Мирјана Најчевска, универзитетски професор:
“Се останува на партиите, ова е одлука на државата и на парламентот“, рече Хан. Не зафркавај. Ова би требало да биде некоја неверојатна мудрост? Па ние да имавме држава со државни институции и со парламент немаше да дојдеме во оваа ситуација и да имаме потреба од надворешни олеснувачи. Она што нам ни требаше беше да се тргне ВМРО-ДПМНЕ од позиција на која може да ги искористува државните ресурси за поткупување на граѓаните и лажирање на изборите.
Тоа значи дека се додека ВМРО-ДПМНЕ како мафијашка организација ги држи државните функции, не може да има регуларни избори. Да не се залажуваме. Не верував дека ова било кога во мојот живот ќе го кажам, меѓутоа мислам дека е време да се вмешаат Американците, со оглед на тоа дека Европа е доволно лигава да завземе цврста позиција, а Русија очигледно обожува се што е спротивно на идејата за демократија и владеење на правото. Техничка (технократска) влада со ограничен мандат со екстремна контрола за да се воспостави владеење на правото. Се друго се бајки за деца и измотавање со граѓаните“
Џељо Хоџич, невладин сектор:
“Фер и демократски избори си бараат предусловии. Ако навистина сакаме фер и демократски избори, покрај прочистувањето на избирачкиот список и средувањето на медиумската сфера, мора 100-200.000 луѓе, како оној што плачеше на Канал5 за оставката на Груевски, да бидат хоспитализирани во соодветни установи барем три недели пред денот на избори. Да беше Хан вистински европеец синоќа ќе го дадеше овој дополнителен услов за фер и демократски избори.
Бранко Геровски, уредник:
“ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ, ВРЕМЕ Е ЗА АКЦИЈА!!! Не само опозицијата, туку и 70 граѓански организации писмено бараа од Хан одложување на изборите, заради создавање услови за фер натпревар. Ајде сега да ги видиме колку се сериозни. Нека организираат протест пред седиштето на ЕУ во Скопје. Секоја организација нека донесе по 100 луѓе, ете 7.000 демонстранти. Доста паламудење, време е за акција!“
Боби Христов, новинар, уредник:
“Формално изборите на 24 се веќе се одложени, бидејќи со законските измени е превидено премиерот да си даде оставка сто дена пред денот на изборите (тоа е системско решение за секои идни избори). Што значи дека датумот на избори би се сметал од моментот на постигнување евентуален договор, односно 100 дена од денот на ефективната оставка на Премиерот. Освен ако Законите не се сменат/ поништат !?“
Тито Беличанец, универзитетски професор:
“Изјавата на Хан и на Ван Хауте се дијаметралано спротивни во поглед на тоа дали е спроведен договорот пржино и дали се исполнети условите за фер и демократски избори! Не е случајно што Ван Хауте беше континуирано омаловажуван од дпмневските медиуми и лично навредуван од Груевски и неговите пајташи! И затоа Ван Хауте е човек кој покажува дека може да му се верува!“
Павле Трајанов, Демократски сојуз :
“Демократскиот сојуз е уверен дека на Македонија и треба фронт од сите демократски и слободарски луѓе. Граѓаните треба да се етаблираат како четврта власт, а не како гласачка машина. Тие треба да бидат континуиран и перманентен коректор на сите институции. Поминуваме низ период на морална декаденција и политичка хипокризија, на себичност и неконтролирано богатење и кумулација на моќта и парите во најтесни кругови. Генераторите на кризата со силна манипулативна медиумска кампања, сакаат да продолжат да владеат создавајќи лични и општестевени трауми. Од ова место порачувам дека „актерите“ на политичката криза мора да понесат одговорност и да платат висока цена“
Р.Ф.
Слично
