Прво името, па преговори-порача Коѕиас
Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, на вчерашниот Совет на министри за надворешни работи на Европската Унија во Луксембург кажа дека треба да ѝ се понуди поголема помош на Македонија.
Сепак тој останува на ставот дека прво треба да се реши спорот за името, па потоа да ѝ се понудат пристапни преговори на Македонија.
„Објаснив дека главниот проблем на БЈРМ е дека има недостиг од демократска култура на дијалог и дека ова немање политичка култура на дијалог се должи на позицијата на одредени наводни пријатели на оваа држава, кои ја научија на таков начин власта да не е способна да прави ниту внатрешни компромиси и да има демократски постапки, односно однесување внатре во државата. Објаснив дека треба помалку да зборуваме јавно за внатрешната политика на БЈРМ и да помогнеме повеќе“ – изјави Коѕиас.
Според него, главниот проблем на македонскиот пат кон ЕУ не е Грција, туку недостигот од демократија во нашата земја, кој, според него, е поттикнат од начинот на кој странските партнери на Македонија ја имаат научено нашата власт како да се однесува.
