Првите луѓе на Груевски главни осомничени во акцијата „Титаник”
Во првата акција „Титаник” на специјалното јавно обвинителство, првоосомничена е поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, која се сомничи за повеќе кривични дела.
Јанкуловска се сомничи за изборен криминал и организација на сите ресурси во министерството за изработка на лични карти и вметнување лажни гласачи во избирачкиот список. За учество и помагање во оваа измама осомничени се ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски и секретарот на Владата Кирил Божиновски.
Во организацијата на измамите според СЈО учествувал целиот извршен комитет на ВМРО ДПМНЕ.
Обвинителката Фатиме Фетаи изјави дека постои основано сомнение оти поранешните министри, заедно со други лица, го искористиле влијанието и на локално и државно ниво создале група, за вршење кривични дела, за да овозможат победа на одредена политичка партија на изборите, како и да интервенираат во избирачкиот список во корист на партијата од која доаѓаат.
- Луѓе влегувале во избирачкиот список на незаконски начин. Прво биле фотографирани на едно место, а добивале лична карта на друго место. Добивале матични броеви, а не станува збор за новороденчиња. Дури отпосле обезбедувале живеалиште или престојувалиште, а нотари заверувале договори за закуп надвор од процедурата – објасни Фетаи.
Во Специјалното обвинителство утврдиле дека од МВР за таа намена биле издадени 15 илјади нови матични броеви, 35 илјади лични карти кои не се подигнати од барателите, и прифатени се повеќе од 60 илјади нови државјани. Фетаи најави дека за „за улогата на дијаспората и конзуларните претставништва ќе се отвори посебен предмет“.
Покренати се обвиненија и против пет судии од Управиот суд како и против 4 членови на ДИК од 2013 година.
За осум лица утрово е побаран притвор, едно лице е веќе предадено на истражен судија, но од СЈО, почитувајќи ја презумпцијата на невиност, не кажуваат кои лица се опфатени со барањето за притвор.

