Првенци на генерации без работа, студенти со “шестка” ќе го подобрат квалитетот?!
Новата владина реформа со која се предвидува воведување на два државни испити во втора и четврта година од студиите за проверка на знаењето на студентите, нема да го измери или зголеми квалитетот во високото образование, ниту пак ќе им даде шанса за подобра иднина-сметаат студентите. На овој начин, велат дел од нив, ќе се демотивираат токму оние најдобрите кои според надлежните не треба да се плашат и сами ќе се “исфилтрираат” на врвот, но од друга страна со нив ќе поминат и оние со базично знаење за шестка. Од тука реагираат студентите, повторно цалата идеја за воспоставување на нови методи на евалуација за поголем квалитет паѓа во вода. Па сите ќе “читнат за шестка”- колку да поминат! Кој квалитет е тоа?
Ова прашање си го поставува и веќе дипломираната студентка Марина Трајкова. Таа пред две години во рекордно време ги завршила родовите студии како првенец на својата генерација. Денеска вели е без работа. Волонтира во граѓански организации за практично да го надгради своето знаење. Но,според неа, далечни се изгледите да стигне до работно место. Иако надлежните го промовираат општествено- социјалниот сегмент како најголем простор за работа во кој вклучија агресивни владини кампањи за традиционални семејни, културни и општествени вредности, со новиот предлог, вели Марија, не нудат ништо со што би ја подобриле и онака лошата колективна општествена слика. Па така, додава, студенти со највисок просек седат дома или работат нешто што не соодветствува со нивниот труд и знаење, а далеку послаби студенти со “партиски книшки и квалитет” стигнуваат до работно место, и тоа “строго државно”.
“Не верувам дека квалитетот на студентите би можел да се измери со две тестирања. За тоа постојат моделите за евалуација на Болоњскиот модел на образование кои ги надгледуваат и оценуваат студентите во целокупното нивно студирање. Исто така, сметам дека е многу погрешно да се поистоветува успехот од две тестирања со целокупниот успех и квалитет на студентите во текот на целокупното студирање. Зголемувањето на квалитетот на знаењето на студентите е една од главните причини за обидот за воведување на надворешното тестирање, но со ваквите тестирања единствено што може е да се оцени базичното знаење на студентите”-вели Марина Трајкова.Нејзиниот успех, вели, не и бил посебна потешкотија бидејќи кога постои голем интерес за сферата која се изучува, ништо не е тешко. Примената на Болоњски модел на образование кај нас, додава, има свои недостатоци, но очигледно е дека воведувањето на надворешното тестирање преку државни испити не е решение на проблемите.
“Постои објаснување дека ваквото тестирање се воведува да се спречи купувањето и давањето на дипломи без знаење, но моето мислење е дека овој проблем треба да се реши од внатре, со постојано надгледување на професорите и одговорните на факултетите,бидејќи ако тие не го дозволат купувањето на дипломите, тогаш ниту студентите нема да ја имаат таа опција. Каде се инспекциите и надлежните органи за проверка на овие состојби? Кој ги дозволил? До пред некои време, одговорните од Министерството за образование не убедуваа во успехот на реформите воведени во образовниот процес, каде поголемиот фокус се ставаше на квантитетот отколку на квалитетот. Слушавме статистики во кои растат броевите на запишаните студенти, преку отворање на дисперзирани студии од државните универзитети како и преку отворање на повеќе приватни унивезитети. Сега пак, откако ги видоа резултатите од овие реформи, се обидуваат да го воведат “екстерното тестирање” или државни испити како алатка за контрола на квалитетот. Што е следно? ”-вели Марина.Факултетска диплома-што потоа?! Огромен проблем, смета дипломецот по родови студии Трајкова, е вработувањето на веќе дипломираните студенти. Според неа, поседувањето на партиска книшка од владеачката партија претставува еден од основите предуслови за вработување и токму истата се поистоветува со квалитетот постигнат на факултетите. Ова е вели и главната причина поради која младите својата шанса ја бараат надвор од земјата, а многупати и самата размислува за ваков чекор.
“Тоа можам да го забележам и преку својот случај, каде и покрај постигнатиот успех на факултетот, државата не понудила подобра иднина за мене. Доколку државата би обезбедила работни места за најдобрите студенти, тоа би претставувало мотив кај следните генерации да постигнат висок квалитет на знаење. По моето дипломирање, единственото решение за мене беше волонтирање во неколку невладини организации. На таков начин се здобив со сегашното искуство и знаење. Неколкумина од моите колеги, кои беа со послаб успех од мојот, со помош на партиски книшки од владеачката партија веднаш најдоа работа во државните институции. За мене тоа е голем проблем, бидејќи и покрај постигнатиот успех на факултетот, речиси е невозможно да најдам постојано вработување”-вели Марина.Според неа, ниту квалитетот ниту квантитетот на факултетската диплома нема да ги спречи младите генерации својата иднина да ја бараат и градат надвор. Со оваа реформа верува дека надлежните само ќе ја забрзаат нивната одлука. Едно од можните решенија, вели, за подобрување на животот на сегашните, идните и веќе завршените студенти кои стојат пред вратите на Бирото за вработување е одвојувањето на бизнисот од образованието,намалување на вредноста на партиските книшки, подобрување на студентскиот стандард, нивната независност и услови за студии.Тоа смета нема да се постигне со дополнителна евалуација која сама по себе е контрадикторна, бидејќи е понудена како решение за квалитет, а се правда како мерило за базични знаења. Па така, додава, додека младите во Европа со забрзан чекор влегуваат во сигурни работни места во приватниот сектор, во нови бизниси кои ќе продуцираат добра финансиска кондиција и за нив и за државата, кај нас сеуште надлежните бараат решенија за своите претходни неуспешни обиди на реформи во високото образование. Да запомниме, потенцира Марина, дека овие реформи не се однесуваат само на сегашните генерации, тие ќе остават свој белег и на идните генерации. А тие се оние на кои останува нашето општество. С.Б.
Слично
