Прв состанок со Германците кои ќе треба да ни помогнат во економскиот раст
Денеска за прв пат ќе има иницијален состанок помеѓу владини претставници од македонска и германска страна за тоа како да и се помогне на нашата земја во економскиот раст.
Управувачкиот комитет беше најавен уште при посетата на канцеларката Ангела Меркел во септември во Скопје, а тој е формиран со цел продлабочување на економските односи помеѓу двете земји.
Состанокот ќе се одржи во Владата, а двете страни ќе бидат предводени од вицепремиерот Кочо Анѓушев и од друга страна директорот на одделот за ЕУ проширување, Југоисточна Европа и Турција во Сојузното министерството за економија и енергетика на СР Германија, Хелге Толксдорф.
Се очекува Комитетот да оствари големи резултати во насока на имплементација на стратегија за дуално образование која ќе даде позитивни ефекти за преквалификација на работоспособното население и негово апсорбирање на пазарот на трудот.
