Прв пат на берзата: Котираат перпетуалните обврзници на УНИ Банка
Од денеска на берзата котираат перпетуалните обврзници издадени од УНИ Банка АД Скопје. Станува збор за хибриден финансиски инструмент со специфични карактеристики, кој е новина на домашниот пазар на хартии од вредност и во македонскиот финансиски систем воопшто. Издадени си вкупно 5.000 вакви хартии од вредност од кои секоја има номинална вредност од 1.000 евра или вкупно вредноста на обврзниците е пет милиони евра.
Од УНИ Банка денеска изјавија дека ова е чекор со кој сакаат да се претстават како сериозна банка, тие впрочем се први кои издаваат ваков инструмент на пазарот. Владислав Хаџидинев, Извршниот и главен директор за финансии рече дека планираат банката во следните пет години да расте солидно или да има раст од 25 отсто.
„Ова е голем предизвик за сите, издавањето на оваа перпетуална обврзница, ќе и овозможи дополнителна можност на УНИБанка АД Скопје, да го продолжи својот раст и да ги зголеми својот пазарен удел и добивката“, рече Хаџидинев.

Овие обврзници немаат рок на достасување, но има опција за отповикување. Каматата е фиксна годишна од 9 проценти за првите 5 години, 11 проценти после тој период, на износот на тековната главница. Каматата се исплаќа полугодишно, се пресметува во евра, а се исплаќа во денари.
Станува збор за поризичен финансиски инструмент. Обврзниците се некумулативни, неконвертибилни, преносливи, субординирани, необезбедени, перпетуални обврзници. Издадениот капитален инструмент ќе се користи како додатен основен капитал на Банката.
Од менаџментот велат дека овој инструмент ќе и помогне на УНИБанка да ги зголеми своите капитални буфери, што ќе дозволи на банката да продолжи да расте и да го зголемува својот пазарен удел и добивката. Тоа, велат, ќе биде од директна корист за сите акционери на банката, вклучително и малцинските, така што ќе овозможи подобрување на профитабилноста и зголемување на цената на акциите.
