Поранешна фирма на Мицкоски меѓу најамбициозните за изградба на фотоцентрали во 2026
„Фонко-Хидро“, фирма во која порано свој сопственички удел имал и премиерот Христијан Мицкоски, е меѓу најамбициозните компании кои ги пријавиле најголемите фотоцентрали за изградба како прифатливи проекти за Владата во Планот за изградба на енергетски објекти за 2026-та..
Фотоцентралата на „Фонко-Хидро“ е четврта најголема што треба да започне со планот за изградба од оваа година. Пријавени се 157,5 мегавати во скопскиот регион. Во моментов друштвото како пријавен инвеститор е во сопственост на Стефан Трајкоски и Љупче Трајкоски. Инаку Мицкоски и Стефан Трајкоски свевремено биле содружници во „Фонко-Хидро“, но и во компанијата „Енерготек“.
Инаку на прво место по најавена големина во „енергетскиот план“ за 2026 е компанијата Хронос Сум, поврзана со контроверзниот црногорски бизнисмен Дака Давидовиќ. Станува збор за капацитет на фотонапонска централа од 550 мегавати во источниот регион, односно во околината на Штип.
Речиси сите други најавени големи инвестиции се поврзани со странски инвеститоори. На второто место е идната фотоцентрала на Балкан Солар Гроуп од 420 мегавати на истокот од земјата и Грандсолар Долнени од 310 мегавати во пелагонискиот регион.
Помали од „Фонко-Хидро“, но сепак големи за македонски стандарди, како најава, се уште турската Балкан Реневабле Инвестментс со 120 мегавати во пелагониско и израелската Сушево 1 од 129 мегавати во источниот дел од земјата.
Во Планот за изградба на енергетски објекти усвоен за оваа година поголемиот дел од најавените инвеститори се со далеку помали амбиции според пријавената моќност на централите. Во усвоениот акт има и најави за инсталирање на нови ветерни паркови, батериски системи за складирање на електрична енергија и една гасна централа.
А.К.
