Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПРОВИЗИЈА ОД ЕДЕН МИЛИОН ЕВРА ВЕДНАШ И ПЛУС 0,5 ОТСТО ЗА ПАРИТЕ ШТО НЕМА ДА СЕ ПОВЛЕЧАТ - еве ги и другите услови од кредитот од 100 милиони евра од ЕБОР за ЕСМ

ПРОВИЗИЈА ОД ЕДЕН МИЛИОН ЕВРА ВЕДНАШ И ПЛУС 0,5 ОТСТО ЗА ПАРИТЕ ШТО НЕМА ДА СЕ ПОВЛЕЧАТ - еве ги и другите услови од кредитот од 100 милиони евра од ЕБОР за ЕСМ

Јавноста беше информирана дека државава мора и ќе земе кредит од Европската банка за обнова и развој за полесно пребродување на енергетската криза што не тресе, но дали и колку се познати условите под кои ќе се добие тој заем.

Во Собранието поминува Предлог законот за гаранција на државава за тоа задолжување, кој се носи по скратена постапка. Всушност, Владата која го носи законот наведува дека кредитот се зема за Проектот за поддршка на ликвидноста на ЕСМ во услови на енергетска криза, кој ќе се склучи меѓу ЕБОР и АД ЕСМ во државна сопственост.

Европските банкари понудата да ни дадат кредит за ЕСМ од 100 милиони евра, кој ќе биде обезбеден со државна гаранција, ја доставиле до земјава и до компанијата уште во март оваа година.

„Проектот има за цел надминување на потешкотиите со ликвидноста, кои се настанати во последниот период поради кризата во снабдувањето со електричната енергија“, се вели во образложението, и се додава дека ЕСМ и Финансии веќе истиот месец, во март, ја прифатиле оваа понуда.

Еве на кој начин ќе се користат средствата од заемот.

Најголемиот дел, односно 55 милиони евра, односно нешто повеќе од половината од овој заем ќе одат за набавка на електрична енергија, и тоа и од лиценцирани трговци со струја, како и од оператпорот на електропреносниот систем - МЕПСО.

Потоа, 24 милиони евра ќе се употребат, како што се вели во образложението, за сервисирање на долг, вклучувајќи и главнина на заеми коишто не се поврзани со инвестиции во какви било средства за фосилни горива. Ова би значело дека со една четвртина од новиот заем практично ќе се отплаќаат стари кредити, а условот е само тие да не биле земени за загадувачки инвестиции.

И конечно, 20 милиони евра од парите на ЕБОР ќе се употребат за оперативни трошоци, каде што влегуваат административни трошоци, трошоци за пренос на струја, осигурување и одржување, како и платите поврзани со центрите за трошоци, а каде нема какво било работење со фосилни горива во ХЕЦ Маврово, ХЕЦ Тиквеш, Хец Треска, ХЕЦ ЦРн Дрим, како и Дирекцијата.

Како дел од договорот кој не смее да се изостави е и дека државава во старт ќе земе помалку пари, односно 99 милиони евра, бидејќи еден милион ЕСМ ќе треба да плати како еднократна провизија, односно еден отсто од износот на заемот.

Натаму, во договорот се вели дека доделувањето и користењето на заемот ќе биде условено со тоа што „ќе мора да се преструкртуира македонскиот сектор за електрична енергија“.

Инаку, во самиот закон беше наведено дека овој проект Одборот на ЕБОР треба да го одобри на 20 јули (средата минатата недела – н.з.). Токму и тоа го потврди министерот Крешник Бектеши во петокот на брифинг со новинарите. Министерот информираше дека од страна на Европската банка за обнова и развој во текот на вчерашниот ден се обезбедени 100 милиони евра за ликвидноста на АД ЕСМ за да може во текот на годината да има средства да купува електрична енергија доколку има недостаток, и да купува јаглен и мазут за домашните капацитети за производство на струја.

А, еве со овој договор и гаранција, кои услови ги прифаќа нашата држава.

Рокот за отплата на заемот е пет години, со вклучен грејс период од шест месеци. Отплатата АД ЕСМ ќе ја врши во девет полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 10 февруари и на 10 август секоја година.

Она што е интересно од договорот, е дека однапред не знаеме како држава која каматна стапка ќе ја плаќаме. Односно, како што се наведува во документот, каматната стапка е варијабилна и ќе се состои од шестмесечен ЕУРИБОР, зголемен за маргина од еден отсто.

А, покрај еднократната провизија од еден отсто односно еден милион евра која ќе ја плати ЕСМ, ова АД во државна сопственост ќе и плаќа на ЕБОР и провизија за неповолечени средства, и тоа во висина од 0,5 отсто од неповлечениот дел од заемот на годишно ниво.

Заемот ќе го веаќа самото ЕСМ, но ќе гарантира државата.

Нина Нинеска-Фиданоска

Слично

Поврзани вести