Протестот во затворите не се одржа
Најавуваниот протест на затворениците поради намалување на казните денеска пропадна.
Според најавите повеќе од 2000 лица од кои најголем дел се во затворот „Идризово“ денеска требаше да протестираат.
Директорот на затворот „Идризово“, Живко Пејковски вели дека заедно со претставниците од канцеларијата на Народниот правобранител направил обиколка во сите одделенија во затворот, при што било констатирано дека затворениците не протестираат.
„Нема протест ниту друг вид на изразување на незадоволство од страна на осудените лица. За жал, дел од медиумите непотребно направија вест од ова“, изјавил Пејковски.
Од канцеларијата на Народниот правобранител пак соопштија дека нивни тимови посетиле 11 установи, осум затвори и 3 воспитно-поправни установи. До овој момент тимовите од терен, кои беа во посета на затворите, потврдуваат дека во затворите во Струмица, Битола, Струга, Охрид, Тетово, Куманово и во женското одделение во затворот „Идризово“ немало протест на затворениците. Тие редовно ги земаат оброците и не е забележан штрајк со глад.
Како што пренесоа дел од медиумите протест немало, но сепак затворениците им се пожалиле на претставниците на Народниот правобранител.
Тие рекле дека немаат еднаков третман како сите лица и дека се чувствуваат дискриминирани поради тоа што не се прифатени нивните барања за помилување.
