Протестите на стечајците продолжија пред ССМ, синдикатот им врати со соопштение
Стечајците од Здружението „УНИТ“, по МРТВ, протестот го продолжија пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Незадоволни се од начинот на кој синдикалната организација се залага за остварување на нивните права.
Лидерите на најголемата синдикална организација ги примија претставниците на стечајците. На 30-минутната средба било договорено во рок од два работни дена синдикатот да се произнесе по барање на здружението на стечајците Унит за измени на законот со кој ќе бидат обештетени сите стечајни работници во Македонија.
Сепак, паралелно, ССМ испрати соопштение во кое нагласува дека „нема да дозволи да бидат втурнати во политички пресметки и стратегии, особено не во услови на предизборни активности кои како и досега некој се обидува да ги искористи и злоупотреби“.
„Само во текот на минатата година сме биле вклучени во водење на 323 стечајни постапки, сме дале 200 совети во однос на стечајните постапки или трансферирано во денари најконкретно сме овозможиле помош во износ од 1.623.960,00 денари, за водење судски постапки по однос на стечаите. Ваква конкретна помош и заложба освен ССМ не сме убедени дека некој друг овозможил и реализирал вклучително и разни субјекти кои претендираат дека се заштитници на оваа категорија на работници“, се вели во соопштението.
Од ССМ велат дека секогаш ќе ги поддржуваат сите мерки на надлежните органи кои одат во насока на решавање на проблемите на стечајните работници.
Слично
