Протестите на „Шарената револуција“ продолжуваат, Владата глува на барањата
Повеќе од два месеци шарена револуција и протести ширум земјава.
Во добро познатиот термин протестот ќе почне во главниот град пред Специјалното јавно обвинителство .
Како што е познато барањата на шарената револуција се итно поништување на одлуката за одржување избори на 5 јуни и итно поништување на одлуката за аболиција на оние против кои е покренато обвинение од страна на СЈО, но досега Владата остана глува на сите барања на протестантите од движењето „Протестирам“.
„Бараме заштита на СЈО и гаранција дека оваа институција ќе продолжи да работи без никакви пречки и во интерес на правдата во Македонија. Уставниот суд итно да се произнесе за уставноста на СЈО и да се овозможи криминалците да бидат соодветно казнети! За Македонија ќе се разговара и преговара во Скопје, а во решавањето на кризата мора да бидат вклучени и независни претставници на граѓанското општество. Конечно, бараме оставка од непретседателот Иванов, формирање специјално одделение на Кривичниот суд надлежно за случаите на СЈО и формирање преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе“!“, велат од Шарената револуција!
Протестите како што добро знаете се во знак на револт поради одлуката на претседателот Ѓорге Иванов со аболицијата од 12 април да ги заштити од одговорност политичарите вмешани во аферата „прислушување“ во услови на замрзнат политички дијалог на странски посредници за излез од се подлабоката криза во која земјата тоне.
ВРЕДНОСТИ НАМЕТНАТИ ОД ОЛИГАРИХИЈАТА
Борбата која веќе неколку недели се води за правда, еднаквост и слобода според протестантите е борба за прогресивна и сплотена Македонија чиј поглед не е свртен кон антиката – туку кон подоброто утре. Помеѓу шарената популација вели не владее нетрпеливост и недоверба – туку соработка и разбирање, во неа ниту еден човек не е „повеќе еднаков“ од друг,во неа се почитуваат вредности спротивни од оние наметнати од олигарсите и политичкиот врв изминатите 25 години, во кои тие успешно градеа општество на столбови од недоверба, пресија, апатија и страв.
“Приведувањето и изрекувањето мерка притвор на дел од учесниците на протестите е само уште еден неуспешен обид да не заплашат и стивнат, обиди кои упорно не само што не им вродуваат со плод и ние постојано се враќаме на улиците и продолжуваме со протестите, туку постојано и го интензивираат револтот кај демонстрантите, а протестите добиваат на масовност. Зарем некој сериозно помислил дека добар начин да смириш група на луѓе која протестира против нечија аболиција од тежок криминал, е преку приведување и казнување на членови на таа група за фрлање јајца и боја?”-прашува Сулејмани демонстрант.
Со години вели сме сведоци на систем кој не само што ги експлоатира, ограбува и понижува граѓаните, туку и прави се да спречи и казни било каков обид граѓаните да се побунат и да го спречат тој однос. Оттука според него не е е чудо што се побројна е масата на луѓе на кои им е смачено да бидат жртви – и тоа е тоа што останува на „обичниот човек“ да прифати дека молчењето не е повеќе единствената опција и да се придружи на борбата за слобода, еднаквост и правда.
