„Протестирам“ до Иванов: Му го сврте грбот на сопствениот народ
Од „Протестирам“ денеска на Фејсбук упатија порака до претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов.
Повеќе од еден месец неуморно чекориме во секое сокаче на Македонија, и колку што не држи глас извикуваме #ПРОТЕСТИРАМ, се наведува во нивната реакција.
„Изложени сме на репресија, но нема таков страв кој може да го надмине нашето чувство на гадење и бес од она што ти го направи на 12 април, и што историјата ќе го запамети како укинување на правната држава, и доведување во прашање на самата државност на Македонија. За тоа, ќе мора да понесеш одговорност. Ние, граѓанките и граѓаните кои веќе не простуваат, не преговараат и не попуштаат не дозволуваме помилување на оние кои ги загорчиле нашите животи! Притоа, знај дека во првите редови на нашите протести се токму твоите поранешни студентки и студенти, некои од најдобрите дипломци и пост-дипломци на Правниот факултет и катедрата по Политички науки, кои впрочем се и најгласни во барањето на твојата одговорност! Особено важни ни се лекциите по предметот Цивилно општество кој ти го предаваше, лекции кои за жал стигнавме ние да ти ги одржуваме тебе! Тука се и дел од твоите некогашни ментори, и дел од оние кои те поддржаа при првата кандидатура за Претседател! А, согласно анкетите на Институтот кој ти го основаше, зад нас стои мнозинството на граѓанќите и граѓаните на Републиката“ - велат тие.
Сметаат дека со одлуката за помилување на десетици осомничени за корупција, местење избори, прикривање убиства и останати тешки криминали, Иванов му го сврте грбот на сопствениот народ, ги погази законите, ја саботираше Македонија и официјално го легализираше владеењето на криминалците.
