Протести против сиромаштија или сценарио за немири?
Утрешните протести на граѓанската иницијатива „8 Септември“, кои беа најавени како марш против сиромаштијата, за владејачката ВМРО-ДПМНЕ се сценарио за вовед во дестабилизација и немири. Од партијата сметаат дека организатор на протестите е опозицискиот СДСМ.
„Претседател на оваа т.н. граѓанска организација е Мила Царовска, претседател на Советот за социјална политика на СДСМ. Низ медиумите веќе почнаа да кружат информации дека учесниците на протестите ќе бидат донесени во Скопје главно од општините во кои СДСМ е на власт“, вели Сашо Лазаревски од ВМРО -ДПМНЕ.
Невладината „8 Септември“ заедно со Македонската платформа за борба против сиромаштија за утре најавија протест со кој ќе побараат од Владата да ги плати сметките за струја на најсиромашните граѓани, а општините да им ги платат сметките за вода и комуналии.
Иницијаторите на протестот ги отфрлаат обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ и категорично велат дека не се работи за политички, туку за социјални протести.
„Поводот е тоа што Република Македонија е секој ден, секој месец и секоја година се посиромашна земја. Ние активистите сме навистина загрижени од трендот со кој расте сиромаштијата во земјава и од нефункционалниот систем на социјална заштита. Ќе побараме од Владата итно да ги прекине непродуктивните трошоци и да ги пренамени за решавање на проблемите на најсиромашните“, вели Џелал Хоџиќ од „8 Септември“.
Според најавите, маршот утре симболично треба да тргне во 5 до 12 од пред Собранието на Република Македонија.
Слично
