Економија, финансии, бизнис

Контакт

Протест за слобода на Уставниот суд

Протест за слобода на Уставниот суд

По четврт пат неколку стотини граѓани се собраа пред Уставниот суд за да го изразат револтот против петте судии кои прифатија да ја разгледуваат уставноста за иницијативата со која ќе му се дозволи на претседателот да амнестира осуденици за изборна кражба, педовилија и трговија со дрога.

Со транспаренти „Да го обраниме Уставот од Уставниот суд” граѓаните побараа оставки од судиите поддржувачи на иницијативата. Говорниците и присутните повикаа судиите да престанат да бидат извршители на власта, да го зачуваат дигнитетот и да ја повлечат одлуката.

Според активистите ваквата одлука, во време кога актуелен е случајот со изборниот фалсификат во кој осомничени се високи функционери од власта, покажува какво партиско едноумие владеее во државата.

„Злосторничкото здружување ги зароби институциите и ја направи правдата недостижна за граѓаните. Уставниот суд е востановен за да го заштити Уставот и законите и да биде гарант за владеењето на правото. Од моментов кога беа избрани членовите на овој суд тој престана да ја извршува својата одлука и му служи на злосторничко здружение и неговите интереси“, истакна пред присутните Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Граѓаните фрлија и неколку јајца врз објектот на судот, иако од фасадата се уште не беа исчистени јајцата од претходните протести.

Инаку, иницијативата за амнестирање на лица инволвирани во изборни нерегуларности ја покрена охридскиот адвокат Ристо Китески, кој работи во адвокатска канцеларија на бранител на осомничени лица во случајот „Титаник“, меѓу  кои се најдоа и Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиевски.

Петмина уставни судии гласаа „за”, а четири против оваа иницијатива, а во моментов се чека конечната одлука на Уставниот суд.

Слично

Поврзани вести