Протест во Европа против евтиното жито од Украина
Евтиното жито од Украина веќе неколку месеци го преплавува европскиот пазар и ги намалуваат цените на европските производители. Пораката тоа итно да се запре доаѓа од Полска, каде земјоделците во неколку градови блокираа улици, магацини и откупни центри, барајќи од државата што поскоро да реагира.
Полска требаше да биде само транзитна земја за украинскиот извоз, но сè излезе од контрола. Земјоделците тврдат дека големите купувачи ги наполниле магацините со евтина украинска пченка. Притоа, не можат да го продадат своето, чија цена паднала на неверојатни 139 до 170 евра за тон. Тоа е и до 85 евра помалку од пред два месеци.
Незадоволните земјоделци на протестот истакнаа дека ваквата состојба ги довела до работ на банкрот бидејќи се задолжиле и купувале репроматеријали по високи цени за да можат да извршат пролетна сеидба. Тврдат и дека биле измамени затоа што за време на жетвата Министерството за земјоделство ги советувало да не продаваат жито бидејќи цената ќе порасне, но паднала за 40 проценти.
Здружението „Агроунија“ и синдикатот на земјоделци „Солидарност“ закажаа масовни протести за 11 и 17 јануари. Тие побараа од Владата веднаш да се обрати до Европската комисија за итно воведување царина од 50 отсто за житариците и маслодајните семиња увезени од Украина.
