Економија, финансии, бизнис

Контакт

Протест пред „Дрекселмаер“ в сабота!

Протест пред „Дрекселмаер“ в сабота!
Протести пред фабриката Дрекселмаер во Кавадарци се најавуваат за сабота. Односно во знак на солидарност со работниците, како и поттикнување и за охрабрување на работничката борба, Движењето за социјална правда „Ленка“ и Левичарското движење „Солидарност“ во сабота во 13:30 часот, ќе одржат солидарна акција пред зградата на фабриката. Ситуацијата Дрекселмаер е само уште еден доказ дека во услови на капитализам најчестите жртви на фамозните странски инвестиции се работниците и нивните семејства кои што се оставени на немилост од нашата држава и од нејзините институции, велат од движењата „Ленка“ и „Солидарност“.
„Вработените во фабриката Дрекслермаер покрај тоа што работат со максимално, полночасовно време, а неретко и повеќе од тоа, примаат минимален надомест за нивниот труд. Вработените во оваа фабрика работат во тешки услови и соочени се со силни психолошки, но и со физички притисоци од раководството на фабриката. Институциите, како по обичај, ги нема. Тие се активираат само кога треба да застанат на страната на работодавачите. Работниците во Дрекслермаер работат прекувремено, за време на празници и во тешки услови, а за нивниот труд не добиваат соодветен надомест, толку колку што им следува и колку што впрочем, е загарантирано со закон! Нивниот обид за спротивставување за тешките работни услови преку нивното основно право на штрајк, беше пресретнат од раководството на фабриката со реваншизам, заплашување и со спроведување на низа колективни отпуштања, но и со директни закани кон останатите вработени“, потенцираат организаторите на настанот со кој сака да се даде поддршка на работниците во оваа фабрика.
Ситуацијата во германската компанија „Дрекселмаер“ во Кавадарци и натаму ја бранува јавноста. Дел од вработените се пожалија дека добиле отказни решенија поради штрајкот што се случи претходната недела во фабриката, а кој бил резултат на условите во кои работат. По штрајкот тие се пожалија дека постојано работеле под притисок и закани од менаџментот.
„Постојано бевме под притисок. Нормата ја исполнувавме, а те притиска за уште повеќе да работиш, значи страшно, психолошки неиздржливо беше“, рече Коче Зафиров во изјава за дел од македонските медиуми. „Мене ме изнесе обезбедувањето, ми викна такси за да ме однесе дома. Според ниеден закон обезбедувањето не може да се шета внатре со пендраци, палки. Апелирам до премиерот Груевски и до надлежните институции овој проблем да го решат, оти ова вака не оди. Јас лично ќе ја тужам фабриката“, изјави за медиумите Деан Симонов.
Работниците кои се избркани од „Дрекселмаер“ најавуваат тужби за менаџментот на фабриката. Спротивно пак на тврдењата на работниците, менаџесркиот тим на „Дрекселмаер“ во писмено соопштение тврди дека вработените редовно ја земаат платата, која освен што била над законската минимална плата, била надополнета и со бонуси за работа во смени и исплата за прекувремена работа. Фактор веќе подолго време се обидува да стапи во контакт со првиот човек на „Дрекселмаер“, Ѓорги Тренковски, но безуспешно. Германската компанија „Дрекселмаер“ уште од стартот ја следат контроверзи во работењето, односно серија негативни реакции предизвикаа и огласите во кои компанијата бараше работници на кои им нудеше платата не поголема од законски утврдениот минимум, односно од 8.050 денари. Германски Дрекселмаер бара работници. Нуди плата 8.050 денари?! С.Н.
Слично

Поврзани вести