Економија, финансии, бизнис

Контакт

Протест на студенти, професори, средношколци… На ред стигнаа и наставниците!

Протест на студенти, професори, средношколци… На ред стигнаа и наставниците!
Наставниците по примерот на своите ученици одлучија да го кренат својот глас на незадоволство. И тие в недела излегуваат на улица, на мирен протест пред Министерството за образование и наука уште еднаш гласно да им порачаат на надлежните дека за квалитетно образование се потребни исто толку квалитетни законски решенија креирани од најзасегнатите- професорите и учениците. Од Наставничкиот пленум велат дека проблемите се долгогодишни,  но сеуште нерешени. Чашата ја прелеал последниот договор на Синдикатот за образование  и Министерството за образование  околу казните и наградите од екстерното оценување, водењето на самиот процес на преговорите како  и лошите реформи во образованието, кои според наставниот кадар, години наназад го рушат дигнитетот на една од најблагородните професии-“учителствувањето”. Според наставниците, учениците на вчерашниот протестен марш покажале дека проблемите се реални, присутни  и пред нив не смеат да замижуваат, ниту замолчуваат. Татјана  Димовска, професор по француски јазик во С.У.Г.С “Раде Јовчевски Корчагин” и  член на Наставничкиот Пленум,  за Фактор  вели дека безрезервно ги подржува своите ученици во нивните аргументирани ставови и очекува иста таква чиста и конструктивна борба  и од своите колеги. Таа беше заедно со учениците на протестот, бидејќи вели,  таму и природно припаѓа, меѓу своите деца. Според неа, последните спогодби на синдикалното раководство и со години наталожените образовни проблеми,  се прави директна штета на учениците и професорите. “Со оваа спогодба, не само што не се одговори на клучните барања на наставниците , туку овој концепт на екстерно тестирање е штетен и за учениците. Искуствата од останатите земји, зборуваат дека истото никако не смее да биде единствен инструмент со кој ќе се вреднува работата на наставникот. Згора на тоа останува оценката од екстерното да влијае врз крајниот успех на ученикот , што не е добро за неговото запишување во повисок степен на образование. На ова би додала дека со ваков погрешен концепт, веќе наредната година мал дел од наставниците ќе бидат наградени со поголема плата, поголем дел околу 90 % ќе бидат казнети со обуки за оценување и дел од нив ќе немаат никаква можност  за напредување”- вели професорката Димовска. Повлекување на Законите за основно и средно и креирање нови! Според професорката Татјана Димовска од Наставничкиот пленум,  просветните работници важат за основата-базата од која се конструира идниот интелектуален подмладок, а со години наназад токму тие се борат за своите права, вредности и квалитети со наметнати реформи и законски решенија на штета на образовниот процес. Проблемите додава, може да почнат да се решаваат со повлекување на законите за основно и средно образование но и со поопсежна анализа во која ќе бидат вклучени просветните работници. “Законот за наставници, Законот за Академија и Законите за основно и средно образование треба да се стават  вон сила, под целосен Мораториум, сè до конечно усвојување на новите решенија кои ќе произлезат врз основа на темелна анализа на состојбите во образованието и отворање широка јавна дебата во која ќе земат учество сите релевантни стручни кадри, особено практичари од основното и средното образование, а не само раководството на СОНК во чии редови има и такви кои не одржале ни еден наставен час”-потенцира професорката по француски јазик. Оценките од екстерното тестирање не смеат да влијаат на успехот на учениците! Екстерното тестирање и новиот модел на државната матура го подгреаа незадоволството меѓу учениците кои на улица ја побараа својата правда. Според професорката Димовска иако добар дел од   професорите ги подржаа средношколците, многумина од за нив познати причини, не сакале јавно или воопшто да застанат рамо до рамо со своите ученици. Дополнително денови наназад учениците, родителите и професорите алармираа за закани и притисоци. “Сметам дека голем дел од наставниците се плашат да го искажат своето незадоволство  иако сите би ја дале подршката на  идните академци, затоа што ние и треба да ги учиме и да ги подржуваме да застанат исправено пред секој реален проблем. Самото присуство на дел од наставниците на ученичките протести ја  покажува таа подршка , а во тек се и зголемени активности на Наставничкиот  Пленум кој секако ќе доведат до промени на лошите промени во образованието”-потенцира професорката Татјана Димовска. Таа набројува само дел од најголемите нелогичности во образовниот процес од кои мора да се тргне веднаш,  за образованието  да се врати на суштинската цел-едукацијата, меѓу кои  нееднаквоста на условите за изведување настава во различни средини, несоодветниот  просветен кадар,несоодветните содржини во учебниците. Според неа, наставниците се  секогаш подготвени да овозможат  квалитетно образование но со квалитени закони, квалитетни програми, а не пренатрупани и  препишани реформи, дополнети со  непотребни административни обврски. “Екстерното тестирање може да има само формативен карактер со што ќе се бараат слабостите во образовниот систем и изготвување стратегии за негово јакнење. Тој процес може да се реализира само на крајот од деветгодишното образование. Потребно е целосно да се ревидира начинот на создавање прашања за екстерен  тест  кој ќе ги исполнува научните законитости и ќе биде во согласност со насоките дадени од Бирото за развој на образование  со примена на Блумова таксономија за оценување по нивоа на знаење.Оценките од екстерното  тестирање на учениците не смеат да влијаат врз успехот на учениците и да го оштетат ученикот на било кој начин бидејќи   не се валиден и веродостоен показател на знаењата кои ја чинат годишната оценка во која  влегуваат знаењата, способностите, вештините, воннаставни активности. Дополнително треба да се ревидира системот на професионален и кариерен развој на наставниците и да се исфрлат законските одредби кои го поврзуваат овој систем со резултатите од екстерното тестирање, како и ревидирање на наставните планови и програми за основно и средно образование Државната матура треба да се укине и да се воведе  приемен испит на самите факултети, за да се  избегнат бројни недоследности и нерамноправниот  пристап кон матурантите во делот на задолжителни и изборни предмети како дел од државната матура”-нагласува професорката Димовска, истакнувајќи ги како дел од барањата  на Наставничкиот пленум. Совет! Најсуштинската лекција и порака која професорката по француски  ја упатува до своите ученици, лекцијата  што треба да ја  научат и  да не  ја заборават,  е да не  ги  учат само лекциите од матерјалот,  туку и оние  од животот, да бидат свои, да ги исполнуваат своите обврски но и да се борат за своите права. Онака како што тоа го покажаа и на првиот протестен марш- чисто, одговорно и  аргументирано. С.Б. фото Радио МОФ
Слично

Поврзани вести