Протест и говор на омраза во Крива Паланка
Кривопаланчани вчера се собраа на протест за да ја спречат изградбата на џамија во градот.
Организаторите на протестот велат дека никој не смеел да гради џамија без дозвола и документи. Претходно, овдешните граѓани потпишаа и петиција.
Она што е спорно во нивните демонстрации е нивното мото и плакати.
Мотото „Протест против исламизацијата во Крива Паланка", центарот за слобода „Цивил" го оцени како говор на омраза и остро го осуди.
„На дното од плакатот, со црвено се пречкртани слики на пет исламски верски објекти, односно џамии. Платформата против говор на омраза, најстрого го осудува говорот што се користи во плакатот и смета дека тој претставува говор на омраза кој предизвикува омраза и нетрпеливост врз верска основа. По социјалните мрежи и на медиумите, веќе се забележуваат реакции на граѓани предизвикани од ваквиот говор" - велат од Цивил.
Градоначалникот на општината, Арсенчо Алексов, во изјава за „Мета“ вели дека џамија нема да се гради затоа што мнозинството од населението во Крива Паланка е православно.

