ПРОТЕСТ: Демонстрантите против делумната аболиција на Иванов
Граѓанското движење „Протестирам“ и синоќа одржа демонстрации во Скопје, противејќи се на делумната аболиција и повикувајќи го претседателот Ѓорге Иванов целосно да ја повлече одлуката за аболиција на опфатените со истрагата поради аферата „Прислушување“.
Движењето на својот Фејсбук профил објави дека не прифаќа селективно повлекување на аболицијата, како и дека половина правда е неправда.
Во главниот град демонстрантите, како и обично се собраа пред Специјалното јавно обвинителство, изразувајќи и поддршка на таа институција.
Тие со боја го обоија Собранието и вчера, а потоа се упатија кон полициската станица Беко, но полицијата ги запре со кордони да пријдат, па најавената забава која траеше околу еден час продолжи на раскрсницата пред полициската станица.
Мирен протест вчера е одржан и во Струга, а на него присуствуваше и генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски.
Под притисок на граѓанските протести и меѓународна заедница претседателот Иванов во петокот ја повлече одлуката за аболиција на 22 од 56 државни и пратиски функционери вмешани во аферата прислушување.
Одлуката на Иванов наиде на многу реакции.
Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан рече дека одлуката на Иванов да ја повлече одлуката за одреден број луѓе не е доволна.
„Како што досега многу пати ЕУ повтори, сеопфатно решение е клуч да се избегне селективната правда“, додаде Хан.
