Економија, финансии, бизнис

Контакт

Просечноста просечност раѓа

Просечноста просечност раѓа

Деновиве прилично актуелна беше Катица од СЈО со нејзините јавни настапи.

Искрено, ниту имав време, ниту намера да ги проследам нејзините настапи како на ТВ, така и во Собранието на Р.М. Да бидам искрен до крај – се обидов. Се обидов да го изгледам тој немонтираниот материјал „протечен“ од МРТВ и навистина немав сила – „убише ме туѓа срамота“.

Не дека уште од мигот кога беше назначена – со меѓупартиски договор – имав некое високо мислење за неа и нејзините капацитети, ниту гаев илузии дека магично ќе еволуира и одеднаш ќе блесне. Но, во оваа прилика сакам да подразмислам троа повеќе за околностите, отколку личностите. Имаше доста и доволно критики на сметка на нејзините правни, та дури и интелектуални капацитети. Имаше секако и фалби. Мене, во случајов ме интересира повеќе милјето и околностите, отколку пофалбите или критиките кон Катица.

Имено, како што нотирав погоре – таа е избрана со меѓупартиски договор! Зад затворени врати! Тоа мора да се има на ум! Впрочем, токму тоа е најважното. Тоа значи, ако треба да се бара просечност, идиотизам, жабокречина...изворот за сето тоа е токму кај партиите. Впрочем, и двете партии се надеваа и „играа“ токму на таа нејзина просечност. ДПМНЕ се надеваа на тоа дека со таа просечност Катица ќе биде лесна мета за растурање, а СДСМ веруваа дека со таа просечност Катица ќе биде лесна за манупулирање. И ДПМНЕ и СДСМ ја посакуваа и ја добија просечноста. На крајот, сепак она што јас очекувам е Катица да ги разочара и двете очекувања.

Но, уште повеќе и уште поважно - од две просечности, не може да произлезе натпросечност. Да споите две зла, не значи дека ќе добиете добро. Не можете од бившиот премиер, таков каков што беше, да очекувате да препознае и фаворизира натрпосечност, исто како што не можете истото да го очекувате од ЗЗ. Просечноста, просечност раѓа. И тоа е она што мене во суштина ме загрижува. Катица дојде и ќе пројде. Ќе ја заврши работата, делумно или целосно, задоволително или незадоволително...но она што ќе остане, она што впрочем ќе нè убие е просечноста. Оваа нација е потоната во просечност.

Просечноста се гаи, култивира и фаворизира токму по штабовите и комитетите. Во изминативе 25 години, мора да признаеме, со ретки исклучоци дека не посведочивме надпросечен политички капацитет, политичар со габарит, интегритет и долгорочна визија. Ние до сега не сме го имале нашиот Черчил или Де Гол. И што е уште пострашно, оние ретките исклучоци, впрочем беа „остатоци“ од старата гарда, од „југословенската школа“, а сè она што доаѓаше во поново време е од лошо – полошо, за конечно да кулминира во Хорхе! Е сега, кога тоа кулминираше од едната страна во Хорхе, а во другата во Заев, каков договор вие очекувате? Па овде пристоен, нормален човек, „натпросечен“, не ни помислува да влезе на политичката арена, овде за таков човек е под чест да си ја троши енергијата. Натпросечните овде молчат од срам.

И затоа каква Катица очекувавте? Верувајте и оваа Катица им е доволна. И оваа ќе им заврши работа! Дедо ми, Бог душа да ми прости велеше – „каква глава таков брич“! Ним, според меѓупартискиот договор, токму ваков брич ќе им заврши работа. И на обајцата, токму ваква Катица им треба. Што е договорено, тоа е испорачано. А што допрва ќе биде испорачано од Катица...и тоа е договорено...зад сцената. На сцената ние ќе го сведочиме само театарот.

Но она што е многу, далеку поважно од „просечноста“ на Катица е едноставниот факт дека не треба да сте генијалец за да разберете што значи наредба некому да „мавнете два-три шамари“! Се надевам барем дека она што е очигледно и за просечноста нема да нè убие, и дека тие шамари впрочем ги добивме сите ние. И токму во тоа ја полагам надежта – дека токму тие шамари нè разбудија. Нè разбудија од „догматскиот дремеж“ и летаргијата во која потонавме. Да не ни се случуваат повеќе ниту Катици, но ниту Груевци, ниту Заевци. 

д-р Трајче Стојанов

Слично

Поврзани вести