Економија, финансии, бизнис

Контакт

Пропаднатиот попис, Кондарко или ВМРО ДПМНЕ – кој ја кочи работата на ДИК?

Пропаднатиот попис, Кондарко или ВМРО ДПМНЕ – кој ја кочи работата на ДИК?
Членовите на Државната изборна комисија од ВМРО ДПМНE тврдат дека претседателот на Државната изборна комисија(ДИК), Борис Кондарко не свикал седница за расправа за Изборниот список откако завршиле изборите. Кондарко пак објаснува, јас не ја кочам работата на ДИК. „Државниот завод за статистика сe уште ги нема доставено податоците од редовното годишно ажурирање на Избирачкиот список од јули 2013 година за кој е сe уште надлежен. Точно е дека МВР дава податоци на Државната изборна комисија, а таа, согласно законот, ги праќа до Заводот за статистика. По проверките, Статистика треба списокот со избирачи да и го врати на ДИК, но тоа уште не е сторено", вели Кондарко кој објаснува дека во процесот на чистење на Избирачкиот список, има неколку институции со точно определени ингеренции и должности. Вчера тој беше прозван лично од премиерот Груевски, дека списоците за избори треба да се прочистат. Денеска пак се одзваат и од ВМРО ДПМНЕ чии членови на ДИК велат тие не ја попречуваат работата на комисијата. „Ние во ниту еден момент не сме ја попречувале работата на ДИК како орган надлежен за водење и ажурирање на Избирачкиот список, но исто така факт е дека од завршувањето на локалните избори 2013 година па до денес Борис Кондарко како претседател на ДИК, кој има законска надлежност да ги закажува и води седниците, воопшто не закажал седница или работен состанок на кој би се дискутирало за Избирачкиот список", истакна Влатко Сајкоски, член на ДИК од владејачката партија. Во моментот, додаде тој, работи Работната група за проверка на Избирачкиот список која е воспоставена од управувачкиот комитет за изборна реформа, чиј член е и претседателот Кондарко. Работната група има мандат да спроведе проверка на податоците во Избирачкиот список согласно претходно усвоена методологија а со неа претседава членот Бедредин Ибраими. „Согласно информациите кои ги добивме од колегата Ибраими, работната група функционира беспрекорно при што сите државни институции вклучително и МВР се исклучително професионални и демонстрираат висок степен на подготвеност за соработка во однос на сите обврски кои произлегуваат од работната група, а кои се однесуваат на доставување на прегледи и информации во однос на податоците кои се неопходни за проверка на избирачкиот список и евентуално отстранување на одредени недостатоци", рече Сајкоски. „Не сум посочил дека некој ја опструира работата како што наведуваат дел од моите колеги, туку потенцирав дека дури и да сакам не би бил во можност на кој било начин да ја кочам работата, бидејќи членовите на ДИК од власта имаат мнозинство и во колективен орган како што е ДИК можат да иницираат свикување на седници, расправи и да одлучуваат со мнозинство гласови, независно од ставот на претседателот на ДИК“, вели Кондарко реагирајќи на денешната изјава на членовите на ВМРО ДПМНЕ.
Слично

Поврзани вести