ПРОПАДНА ОБИДОТ ЗА СПАС: Евергранде оди кон пропаст, надолу го влече и светскиот пазар на недвижнини
Пропадна итната продажба на имот што требаше да ја ублажи финансиската криза на кинескиот гигант за недвижности Евергранде и веќе се стравува дека се поизвесно е дека проблематичната компанија оди кон колапс. Евергранде во средата објави дека го раскинала договорот за продажба на контролниот удел во својата подружница за управување со недвижности на конкурентот кинески Хопсон за околу 2,6 милијарди долари, пренесува Си-Ен-Ен.
Компаниите меѓусебно се обвинуваа за неуспехот на зделката, а Евергранде изјави во соопштението до берзата дека „купувачот не го исполнил предусловот за давање општа понуда за акциите на Evergrande Property Services“. Хопсон во изјавата рече дека е подготвен да го заврши договорот, но дека другите страни се обиделе да ги променат условите од договорот. На берзата во Хонг Конг во четвртокот продолжија да се тргуваат акциите на двете компании, кои не се тргуваа од објавувањето на потенцијалниот договор. Евергранде падна за 12,5 проценти, додека Хопсон скокна за 7,6 отсто.
Пропаѓањето на договорот е лоша вест за Евергранде, кој е само неколку дена од можна формална неспособност да ги плати обврските. Компанијата викендов се соочува со истекување на рокот од 30 дена за исплата на каматата што им ја должи на инвеститорите.
Формалното неплаќање може да предизвика шокови на светските берзи во понеделник, Исто така, може да ги поттикне кинеските регулатори да преземат акција.
Кинеските власти се обидоа да ја смират ситуацијата бидејќи инвеститорите се загрижени за ризикот од ширење на кризата. Минатата недела, кинеската централна банка соопшти дека Евергранде лошо ја водел својата работа, но дека ризиците за финансискиот систем може да се контролираат. Ова го повтори кинескиот вицепремиер Лиу Хе на финансискиот форум во Пекинг во средата. Во говорот пренесен од кинеската државна новинска агенција Ксинхуа, Лиу ги призна, како што рече, „индивидуалните проблеми“ на пазарот на недвижности. Но, тој нагласи дека ризиците генерално се под контрола, дека капиталните потреби на инвеститорите се исполнети, а севкупниот тренд на здрав развој на кинескиот пазар на недвижности нема да се промени, наведува Ксинхуа.
Евергранде не е единствената во неволја. Неодамна, голем број други компании за недвижности открија свои финансиски проблеми, барајќи од заемодавачите повеќе време за отплата или предупредување за потенцијални неплаќања.
„Modern Land“ со седиште во Пекинг е една од тие компании. Минатата недела, таа побара од инвеститорите повеќе време да ја отплатат обврзницата од 250 милиони американски долари што доспева на 25 октомври, истакнувајќи ги сопствените проблеми со ликвидноста. Со акциите на компанијата не се тргува на берзата во Хонг Конг од четвртокот, бидејќи беа објавени нови информации, без да се дадат дополнителни детали.
