Промени во врвот на ЕДС, поранешната фирма на Кочо Анѓушев: Грчките газди го разрешија генералниот директор
Промени во врвот на Енерџи деливери солушнс (ЕДС), компанијата која во земјава ја основаше и ја поседуваше поранешниот вицепремиер, бизнисменот Кочо Анѓушев, а сега е во рацете на грчки ППЦ (Public Power Corporation). Оттаму информираат дека од позицијата главен извршен директор е разрешен Георгиос Лантзас. На негово место е поставен Јанис Јанопулос.
Инаку во јули годинава грчките газди на ЕДС, соопштија дека вбризгуваат нови 3,7 милиони евра во компанијата во Скопје. Друштвото практично спроведе нова, втора емисија на 370.000 обични акции по пат на приватна понуда за единствениот акционер односно за грчки ППЦ (Public Power Corporation). Грчката компанија стана единствен сопственик на ЕДС во 2018 година кога Анѓушев по потпишувањето на Преспанскиот договор одлучи да им ја продаде заедно со подружниците во Југоисточна Европа за 4,8 милиони евра.
Фактор претходно пишуваше дека кај ППЦ има голема загриженост за работата на подружницата во Македонија, а за тоа известуваа и грчките медиуми. Според информациите на медиумиот О.Т. финансиските перформанси на компанијата за трговија и снабдување со електрична енергија не се воопшто добри, а наместо профит најверојатно ќе носи загуби. Грчките медиуми тврдат дека раководството на ППЦ размислувало да донесе одлука за прекин на активностите годинава за да спречи поштетни финансиски последици, а дури разгледувале сценарија и ЕДС да биде исклучено од конкретната аквизиција.
