Прокредит банка: затворени 6 филијали, 18,9 отсто помалку вработени за ќар од 3,66 милиони евра!
Банката што претежно финансираше микро и мали бизниси лани ја менува својата политика. Од податоците се гледа дека се врти кон големи клиенти зашто има драстичен раст на кредити во износ од 150.000 евра, а пад од 29 отсто на кредити до 10.000 евра. Воедно лани, во годината за кастрење банката освен што го скратила бројот на вработени, затворила 6 филијали, го намалила бројот на на бизнис клиенти за 24 отсто! И со помал број на кредити и на депозитини сметки го задржала речиси истото ниво на нето приход од камати, а едновремено ја зголеми депозитната база и да го зголеми кредитното портфолио со исклучително ниско ниво на нефункционални кредити под 3 отсто. Го напушта ли оваа банка микро секторот?
Прокредит банка лани ја зголеми добивката од работење за 33 отсто во споредба со 2013 година, покажуваат официјалните податоци од ревидираниот финансиски извештај на банката која во македонската јавност е позната како голем поддржувач на микро и на мали бизниси. Банката лани затворила 6 филијали во земјава и бројот на вработени го намалила за 72 до 308 вработени колку што имала на крајот на 2014 година. Очекувано со ова се намалил и бројот на депозитни сметки за 4,2 отсто до 91.364 колку што имало на крајот на 2014 година.
Според достапните податоци Прокредит банка лани остварила добивка од работењето во износ од 226,2 милиони денари што е за 56,4 милиони денари (околу 950.000 евра) повеќе во споредба со добивката на банката во 2013 година.
Сите важни податоци покажуваат дека банката лани остварила значајно позитивно придвижување во своето работење. Силен раст бележи износот на кредитирање, а тоа е проследено со солиден раст на депозитната база на банката. Во овие услови банката успеала да задржи исто ниво на нето приноси од камати, солиден раст на нето приходот од надоместоци и провизии, минимално да ги зголеми резервациите за лоши пласмани. Менаџментот на банката знајачно ги ги скратил трошоците во двете најголеми расходни ставки: вработени и останати расходи од дејноста. Резултат на сите овие активности е крајниот раст на нето добивката на банката за 33 отсто односно од 72 денари нето заработка по акција во 2013 година на износ од 96 денари нето заработка за акција лани.
Кредитните пласмани на банката на крајот на 2014 година изнесуваат 13,92 милијарди денари и во споредба со 2013 година бележат раст од 1,77 милијарди денари. Истовремено со тоа солидно растат и депозитите на клиентите на банката и тоа за 15 отсто односно 1,55 милијарди денари до износ од 12,18 милијарди денари што сигурно било силен сигнал за менаџментот да го засили и кредитирањето. Вкупниот износ на парични средства и еквиваленти на крајот на минатата година изнесува 3,59 милијарди денари што е раст за 380 милиони денари во однос на 2013 година.
Во период кога актуелно беше намалување на каматните стапки Прокредит успеала да задржи речиси идентично ниво на нето приход од камати како и во 2013 година и тој изнесува 800,9 милиони денари и во однос на 2013 година е понизок само за 1,2 отсто. Но затоа пак банката успеала значајно да ги зголеми нето приходите од провизии и надоместоци за 20,4 милиони денари во однос на лани до износ од 261,1 милиони денари.
На страната на кредитирањето банката лани имала резервации за лоши кредити во износ од 147,2 милиони денари и тие забележиле раст од 17,3 милиони денари во однос на 2013 година. Кај оштетувањата на нефинансиски средства банката успеала да го намали трошокот за повеќе од 10 отсто во однос на 2013 година и ланската година да ја заврши со износ од 31,6 милиони денари. Што се однесува до нефункционалните кредити тие во кредитното портфолио учествувале со помалку од 3 отсто што е многу пониско од просекот на нефункционални кредити на ниво на банкарски сектор кое изнесува 11,3 отсто.
На расходната страна менаџментот успеал да рационализира значајни операции и тоа кај двете најголеми ставки. Прво кај најголемата ставка останати расходи од дејноста намалувањето е 34 милиони денари до износ од 404,6 милиони денари. Кај ставката трошоци за вработени износот е понизок за 8 отсто до вредност од 251,7 милиони денари.
Слично
