Економија, финансии, бизнис

Контакт

Проклетството на македонските бизнисмени или успешен проект за иднината?

Проклетството на македонските бизнисмени или успешен проект за иднината?
Домашните инвеститори сметаат дека Слободните економски зони, кои важат за бесцарински територии, ослободени од давачки и придонеси по различни основи, треба да се отворат и за домашниот капитал. “Јасно е дека сега имаме состојба на дискриминација на домашниот бизнис кога зборуваме за Слободните економски зони. Тетовската зона е прва која функционира по принципот на јавно-приватно партнерство и затоа сметам дека таа треба да се отвори и за влез на домашни компании“ – изјави неодамна за “Фактор“ Мендерес Кучи, прв човек на Стопанската комора на северозападна Македонија. Поволностите што Македонија ги нуди преку Слободните економски зони се клучниот владин адут кога преговара со инвеститорите. “Бенефициите за странските инвеститори се оние кои тие ексклузивно ги добиваат, додека евтина работна сила и даночни поволности се олеснувања кои важат за сите, и странски и домашни инвеститори. Во поглед на извозот и увозот, евидентно е дека т.н. додадена вредност во нашата економија се сведува само на додадената работна рака. Тоа и не е толку лошо, имајќи предвид дека тие фабрики ќе го вработат контингентот на невработена работна сила во нашата економија“ – објасни неодамна за Фактор професорот Марјан Петрески “Меѓутоа, прашањето е зошто не се привлекуваат странски инвеститори во дејности кои може да ги опслужува домашната економија, а такви се прехранбената, млечната, конзервната, металопреработувачката индустрија. Такви странски инвеститори би оствариле поцврсто поврзување со домашната економија и ефектот за неа би бил повеќекратен. Тоа е моделот по којшто се разви Ирска. Зошто тоа не е така кај нас – не знам. Ние веројатно сакаме да ги прескокнуваме фазите на развојот, па веднаш сакаме да отидеме на висока технологија. Но, тоа има своја цена, која за почеток ќе биде малата додадена вредност што тие фабрики ќе ја создаваат во Македонија. И, мислам дека таа цена е поголема од аргументацијата дека овие нови фабрики ќе донесат know-how, организациски модели, лидерски вештини. Што ќе ни е висока технологија не знаеме како да ја користиме или ако ни треба многу време за да научиме?“ – прашува Петрески. Колку изнесува вкупната државна поддршка што странските компании ја добиваат преку субвенции, придонеси, плати, царински ослободувања – останува не до крај јасно. Поволностите што Македонија ги нуди на странските инвеститори кои ќе решат да вложат во Слободните економски зони се групираат во четири позиции: даночни ослободувања, царински ослободувања,  инфраструктурна логистика и субвенции.

Инфраструктура и субвенции:

Најпрво, земјиштето за изградба на погоните се дава под концесија до 99 години. Инвеститорите  се ослободени од плаќање на надомест за уредување на градежното земјиште кон единиците  на локалната самоуправа, како и од надоместоци за добивање на градежни дозволи. Во исто време тие не плаќаат приклучок за гасовод, водоводна и канализациона мрежа. Во зависност од бројот на вработени и вредноста на инвестицијата, Владата  учествува и во трошоците за градба на корисниците во ТИРЗ  во висина до 500 000 евра.

Даночни ослободувања:

Инвеститорите што ќе отворат фабрика во некоја од Технолошко-индустриските развојни зони целосно се ослободени од Данокот на додадена вредност, односно стапката изнесува 0%. Во период од 10 години тие се ослободени и од другите даноци. Еве какви даноци се плаќаат доколку инвеститорот е во или надвор од слободните економски зони:

                                                          Во зона                    Надвор од зона

Данок на додадена вредност            0%                              18%

Данок на добивка                           0% за 10 год                  10%

Персонален данок                         0% за 10 год                   10%

Ова значи дека инвеститорите во зоните се целосно ослободени од плаќање на данокот на добивка и персоналниот данок на доход за период од 10 години, или поконкретно инвеститорот не плаќа персонален данок за сите исплатени плати на вработените во период од една деценија.

Царински ослободувања:

Сите инвеститори во слободните економски зони се дел од Царинскиот зелен канал – не плаќаат царински давачки. Стапката за увоз на суровини и за опрема изнесува 0%. Еве какви царински давачки имаат фирмите што работат во и надвор од зоните:

                                          Во зона                                    Надвор од зона

Суровини                            0%                                               0% - 15%

Опрема                                0%                                               5% -20%

Сите овие поволности, во пакет треба да го стимулираат влезот на странски инвеститори од различни сектори, информатичката технологија,  изработка на софтвери, склопување хардвер, дигитални записи, компјутерски чипови, научно истражувачка дејност и производство засновано на нови технологии со високи еколошки стандарди, услуги кои се директно поврзани со увоз на добра кои се внесуваат во зоната (под услов добрата да не се наменети за крајна потрошувачка).

Костовски: инвестициите се понижувачки Бизнисменот Трифун Костовски, неодамна во интервју за Фактор објасни дека инвестициите во слободните зони се движечки, траат колку и поволностите. „Станува збор за таканаречени “движечки” инвестиции, кои се лесно преносливи од земја до земја. Се до моментот додека ги уживаат поволните услови за работење дадени од Владата, тие ќе бидат присутни, а доколку сакате да ги сместите во вистинските рамки во кои функционираат домашните фирми (тие што впрочем и го полнат буџетот на државата), тие ќе си заминат во други земји. Ваквиот вид инвестиции е понижувачки, како за државата, а уште повеќе за народот. Типичен пример на нов облик на неоколонијализам во денешно време. Во сопствената држава, финансиски да го помагаме странскиот инвеститор, да го ослободуваме од сите давачки кон општеството и да нудиме ефтина работна сила, која се третира како наемна снага, при што се лимитираат можностите за усовршување и унапредување. Е на народот, во овие слободни економски зони му се нуди преживување, во вистинската смисла на зборот. Најголемиот дел од моите инвестиции се гринфилд, а замислете, никој не ме убедуваше да инвестирам во РМ. Дојдов сам, воден од желбата да направам добро за мојата татковина. Зошто македонската дијаспора не инвестира во РМ, не знам, одговорот барајте го во структурите на власта. Фактор: Стопанствениците се генерално задоволни од дијaлогот со Владата и економските мерки кои таа ги прави. Меѓутоа, она на што имаат забелешки е нееднаквиот однос што државата го има кон нив, во однос на странските компании на кои им се даваат одредени бенефици и поволностите сé со цел да инвестираат во Македонија. Од аспект на бизнисмен дали тука станува збор за двојни стандарди? Костовски: На претходното прашање делумно одговорив во која ситуација се наоѓаат македонските фирми, споредени со странските инвеститори. Чувството дека пред Владата сме помалку “милувани” отколку странците, носи една фрустрација кај сите стопанственици, со исклучок на владините миленичиња. Чувствувам проклетство што сум горд Македонец“ Толку ли не разбираме дека најсилното и најскапоцено богатство што го има секоја држава е човекот, сопствениот народ. За жал, човекот кај нас се третира како бројка, статистички и без емоции. Се бунтувам во себе за ваквиот однос на Владата кон сопствениот народ. Се работи за мојот народ, на кој сум благодарен што од мене направи личност, со сите особини кои го красат човекот. Иако сум странски инвеститор, еден од најголемите во РМ, моето потекло ми е повеќе товар отколку предност во секојдневното работење“, изјави Костовски. Планови Компаниите од слободните економски зони вработуваат 3.500 луѓе, но се очекува во 2015-та овој број значително да се зголеми.

Според вицепремиерот Ставрески годинава ќе се постигнат добри економски резултати и економски раст од 4 проценти, а ќе продолжи и трендот на намалување на невработеноста, а исто така очекува темпото на странски инвестиции да продолжи да расте и во 2015 година со што ќе се отворат нови работни места за граѓаните.

- Имаме дваесеттина, дваесет и пет фирми што треба да ги објават инвестициите или да ја почнат изградбата на фабриките во зоните и тоа во сите региони на Република Македонија. Значи, не само во Скопје, каде што неодамна имавме потпишување на договор со „Капкон“ за нови 400 работни места и некои други инвестиции, туку и во внатрешноста на Република Македонија. Во Охрид, на пример имаме две германски фирми кои што  ќе обезбедат вработувања на над вкупно 3.000 лица од Охрид и од Струга. Во Прилеп, инвестицијата на американската компанија „Гентерм“ со околу 2.000 вработувања. Имаме инвестиции и во Штип, во Кочани, во Тетово и на сите други места. Гледаме во сите населени места во Република Македонија барем да обезбедиме по еден инвеститор и со тоа да се отворат работни места – истакнува Ставрески.

На крајот од 2014 година, на својот фејсбук профил премиерот Никола Груевски најави три нови инвестиции, за три компании кои ќе инвестираат тука. Тоа се компаниите Гентерм, која според најавите во Прилеп ќе отвори 1000 работни места, потоа Капкон во која би требало да се вработат 400 лица и германската компанија Костал која во Струга планира да отвори нови 1000 работни места во период од 5 до 7 години. Премиерот изјави дека ефектите од странските директни инвестиции веќе се видливи, а со новите инвестиции очекува зголемување на директната корист од нивниот капитал дома.
Слично

Поврзани вести