Произведено во Европа: Брисел го открива планот за заштита од Кина
Брисел ги презентираше долгоочекуваните предлози во рамките на иницијативата „Произведено во Европа“, која има за цел реиндустријализација на континентот и борба против кинеската конкуренција.
Таканаречениот закон за „индустриско забрзување“, предводен од потпретседателот на Европската комисија, Стефан Сежурне, има за цел да ги зачува и декарбонизира клучните индустриски сектори кои, како автомобилската индустрија, се плашат дека ќе бидат истиснати од кинеската конкуренција, додека веќе се соочуваат со предизвиците на зелената транзиција и многу високите цени на енергијата во Европа, објавува „Фигаро“.
Клучна одредба од текстот предвидува воведување на „европска преференција“, мерка која долго време беше табу во Европа поради нејзината протекционистичка природа, објавува весникот.
Целта е да се обврзат компаниите во стратешките сектори да го извршуваат дел од своето производство во Европа или да набавуваат локални компоненти ако користат јавни средства.
Ова е механизам инспириран од слични закони во Соединетите Американски Држави и Кина, како што истакна Сежурн во авторски текст потпишан од илјада европски бизнис лидери.
Сепак, презентацијата на законот, првично планирана за крајот на 2025 година, постојано се одложуваше поради несогласувања меѓу земјите-членки, но и во самата Комисија, околу неговата цел, опсег и ограничувања. Овие прашања беа предмет на интензивна дебата меѓу земјите-членки во последните месеци, иако чувството на итност конечно ги наведе дури и најрезервираните - Германија и нордиските земји - да ја поддржат иницијативата „Произведено во Европа“, под услов мерката да биде строго насочена.
Затоа, Европската комисија ги омекна своите почетни амбиции во врска со списокот на опфатени сектори, а предлогот предвидува обврска за употреба на челик со ниска содржина на јаглерод во јавно финансирани градежни и инфраструктурни проекти, но без да се бара челикот да се произведува во Европа. Ова решение беше остро критикувано од европската организација на производители на челик Еврофер.
Текстот, исто така, не споменува обврска за локална содржина за хемиската и пластичната индустрија.
Од друга страна, автомобилскиот сектор треба да биде опфатен со мерките, како и технологиите за енергија со ниска содржина на јаглерод, како што се сончевите панели и батериите.
Најспорното прашање е кои земји би биле опфатени со етикетата „Произведено во Европа“. Берлин и другите главни градови инсистираа компаниите што произведуваат во одредени партнерски земји да не бидат исклучени од механизмот, со цел да се избегнат трговска одмазда и прекини во синџирите на снабдување. Земјите што одржуваат блиски односи со ЕУ, како што се Велика Британија, Турција, Јапонија и Швајцарија, се надеваат на таков преференцијален третман.
