Економија, финансии, бизнис

Контакт

Прогресивен данок: Кој е ефектот, колку собра државата

Прогресивен данок: Кој е ефектот, колку собра државата

За безмалку 14 отсто се повисоки приходите кои државата ги собрала во буџетот по основ на персоналниот данок во јануари годинава. Во тој месец од тој данок се инкасирани 1,174 милијарди денари или за 13,8 проценти повеќе на годишна основа. Од јануари годинава практично државата воведе прогресивен данок на доходот според кој  аконтацијата на данокот од доход од работа, на доходот од авторски и сродни права и на доходот од продажба на сопствени земјоделски производи до 90.000 денари месечна даночна основа се пресметува по стапка од 10 проценти,  додека од 90.001 денари по стапка од 18 проценти. Дали ефектот од прогресивното оданочување ќе биде поголем или ќе се исцрта во поголеми приходи од овој данок ќе биде појасно на крајот на годината. На месечно ниво се пресметува аконтацијата додека ако обврзниците собираат од повеќе извори и ја надминат годишната даночна основа од 1.080.000 денари, прогресивното оданочување се спроведува со Годишната даночна пријава. 

Инаку овој јануари 64,2 од персоналниот данок претставува приходот од данокот на плати и други лични примања, 11,5 отсто е од приходи од игри на среќа, 5,8 проценти од приходи по основ на договор за дело и 5,7 проценти  од приходи од имот и имотни права. 

Од оваа година е воведено и оданочување на доходот од закуп, подзакуп, дивиденди, капитални добивки, игри на среќa и друг доход со единствена даночна стапка од 15 отсто. Според податоците капиталните приходи реализирани по основ на продажба на градежно земјиште, станови и дивиденди, биле отварени во износ од 114 милиони денари, што е зголемување од 31 процент во однос на минатата година.

Оваа година има значајно зголемување и на приходите од данокот на добивка или по овој основ собрани се 841 милион денари што е за 30,2 процент повеќе во однос на истиот период претходната година. Тоа како што објаснуваат од Министерството за финансии е резултат на данокот наплатен по основ на месечни аконтации каде има зголемување од 35 проценти.

А.Т.

Слично

Поврзани вести