Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПРОГРАМА НА СДСМ: Пароли или суштина?

ПРОГРАМА НА СДСМ: Пароли или суштина?
СДСМ ја претстави насоката во која ќе се движи во својата економска програма на следнните парламентарни избори. За дел од економистите, тие се само желби за тоа како би сакале земјата да изгледа, за дел пак добро е што во насоките на СДСМ преовладуваат левичарските политики. Универзитетксиот професор Марјан Петрески, вели дека она што СДСМ предлага го сфаќа повеќе како визија каква Македонија сакаат граѓаните да видат, и од таа гледна точка има суштина во нивните предлози. „Сепак, она што лично ми е нејасно во нивниот концепт е носителот на растот, односно што ќе генерира раст на економијата во годините што доаѓаат. Ако тоа е прогресивната даночна реформа, тогаш тоа е сосем погрешно и ќе има контраефекти. Ако е растот на домашните претпријатија, тогаш да сочекаме и да видиме како тоа го предлагаат да се изведе, особено што гледано историски се покажа дека домашниот приватен сектор нема капацитет да генерира работни места со динамика која е потребна за големиот контингент невработена работна сила што го имаме. Значи, се на се, визионерски има интересни елементи во нивниот предлог, но оперативно, да сочекаме и да видиме што конкретно предлагаат, вели Петрески. За разлика од Петрески, економскиот истражувач, Бранимир Јовановиќ, пак смета дека мерките што Драган Тевдовски од СДСМ ги престави на прес конференцијата заедно со својот лидер Зоран Заев, се добри бидејќи пред се ќе ја зголемат транспаретнтноста во трошењето на парите. „Столбовите кои ги објави Заев, кои се однесуваат на економските политики, исто така звучат во ред, но недостасуваат детали за да дадам поконкретна оценка. Каква даночна реформа предлагаат, каква социјална помош, како ќе ги помагаат домашните претпријатија – останува нејасно. Се на се, ми се чини дека СДСМ се свртува кон лево, што е за поздравување, зашто во минатото тие застапуваа типични „десничарски“, т.е. неолиберални економски политики, кои им одговараат на елитите, а не на народот. Време е во Македонија да се појават „левичарски“ опции, кои ќе ги бранат интересите на народот, а не на елитите. Колку лево ќе се сврти СДСМ, сепак останува да се види, вели Јовановиќ. Пред два дена, СДСМ ја претстави својата Визија за Македонија. „Ние мислиме дека се додека не се постави одговорна власт, но и не се обезбеди независна контрола врз власта, секогаш мала група луѓе на власт ќе наоѓа начини како парите да завршат главно кај неа. И понатаму лесно таа група прави `се што е од нивна корист. Не е важно дали се зголемуваат, на пример, парите за вработување, надоместоците за социјална помош, субвенциите во земјоделието, буџетот во културата. Се додека има можности комотно да владее малата група на власт, додека таа ги контролира институциите, а не тие неа, секогаш таа мала група на власт ќе добива `сe, а сите останати по некоја “коска”. Затоа, борбата за средната класа започнува токму тука. Затоа е потребен Првиот столб.Тој обезбедува услови за одговорна власт. Неговата суштина е целосно да го разголи работењето на луѓето на власт преку воведување нивна отчетност и транспарентност, изјави Драган Тевдовски на прес конференцијата. Еве само некои од мерките:
  • Буџетските корисници, фондовите, јавните претпријатија се обврзани да достават до Министерството за финансии детални месечни извештаи за исплатата на доделените пари од Буџетот на РМ, заедно со обврските што ги превзеле, а не платиле. Овие податоци се објавуваат на Веб страницата на Министерството за финансии. Со тоа граѓаните се вистински контролори на можните злоупотреби, бидејќи секој граѓанин од својот компјутер може во детали да види каде се трошат парите од неговите даноци и придонеси.
  • Владата одговара еднаш неделно на пратенички прашања во Собранието. Не еднаш месечно како сега. Така ја подобруваме отчетноста на Владата пред Собранието.
  • Сите оф шор компании што инвестираат во Македонија, се обврзани да ги соопштат вистинските сопственици. На сите постоечки оф шор компании во Македонија им е даден рок до кога ќе мораат да го достават целокупниот историјат за нивната работа.
При тоа на прес конфернцијата беше појаснето дека одговорната власт значи и дека нема да сеотпуштаат луѓе во јавната администрација -  таму каде што има пренатрупаност во канцелариите, вработените кои сега немаат ни столче ни работни задолженија, се пренасочуваат кон други активности. Тоа се активности што ќе обезбедат подобри услуги за граѓаните и заштита на нивните права. На пример, податоците покажуваат дека недостигаат негувателки во детски градинки. Или инспектори на пазарот на труд. Секако тоа ќе биде направено според соодветната стручна подготвеност.
Слично

Поврзани вести