Прогнозите за Европа се драматични, економистите најавуваат стагфлација
Европа се соочува со нова голема криза, предизвикана од војната меѓу САД и Израел на Блискиот Исток.
Најголемиот проблем е што Иран практично го затвори Ормутскиот теснец, клучен превозен пат низ кој минува околу една петтина од светската нафта. Иран, како дел од своето асиметрично војување, ги таргетира и големите енергетски капацитети во Катар и Саудиска Арабија, а прекините во глобалните енергетски текови не покажуваат знаци на смирување.
Експертите веруваат дека ниедна земја не е имуна на овој проблем, но тој е особено изразен во Европа и Азија, каде што зависноста од увоз на нафта и гас е висока, а инфлацијата веќе претставува сериозен економски и политички предизвик.
Предупредувањата стануваат сè подраматични
Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето издаде драматично предупредување за војна со Иран, наведувајќи дека има „застрашувачки“ информации што укажуваат на ескалација на конфликтот чии последици ќе се почувствуваат низ цела Европа.
Во интервју за весникот „Ла Република“, тој рече дека поради природата на неговата работа, има пристап до такви информации.
„Се плашам од она што би можело да се случи во наредните недели, како и од последиците што ова ќе ги има врз економијата и секојдневниот живот“, рече Кросето.
Членот на одборот на Европската централна банка, Јанис Стурнарас, за грчко радио изјави дека Европа би можела да се соочи со рецесија ако конфликтот со Иран продолжи, а цените на нафтата се искачат над 150 долари за барел, објави Ројтерс.
Европскиот комесар за енергетика, Дан Јергенсен, предупреди дека последиците од оваа криза за енергетските пазари нема да бидат краткотрајни, додавајќи дека станува збор за „многу сериозна ситуација без крај на повидок“.
Тој ги повика земјите-членки да го следат советот на Меѓународната агенција за енергетика, кој, како што рече, вклучува работа од дома каде што е можно, намалување на ограничувањето на брзината на автопатите за десет километри на час, охрабрување да се користи јавниот превоз, воведување систем за пар-непар за приватни автомобили, охрабрување на споделувањето на транспортот и усвојување поекономични навики за возење, пренесува Index.hr.
