Профитот на „Стопанска банка Скопје“ надмина 31 милиони евра
Профитот по оданочување на „Стопанска банка Скопје“ за девет месеци е 28,1 милиони евра, а тоа е за 4,4 милиони евра повеќе од НЛБ Банка. Трета е „Комерцијална банка“ со добивка пред оданочување од 21,1 милиони евра
„Стопанска банка Скопје“ останува најпрофитабилна деловна банка во земјава, покажуваат официјалните податоци од билансот на успех за првите девет месеци, објави банката на Македонската берза за хартии од вредност. Добивката по оданочување за првите девет месеци годинава изнесува 28,1 милиони евра. Тоа значи дека оваа банка просечно месечно годинава прави профит што надминува 3 милиони евра. „Стопанска банка Скопје“ и годинава досега останува банка со најголем профит во споредба со најголемите ривали НЛБ Банка и „Комерцијална банка“.
Во споредба со лани добивката пред оданочување е пониска за 11 милиони евра. Но минатата беше исклучителна година за „Стопанска банка Скопје“ и за „Комерцијална банка“ заради решавањето на статусот на „ФЕНИ“, неговото превземање и покривање на обврските кон банките кои беа најголеми доверители. Тоа значеше ослободување на резервациите што имаше евидентно позитивно влијание врз добивките на двете големи банки.
За првите девет месеци банката има нето приходи од камати во износ од 44,13 милиони евра и во споредба со истиот период лани тоа е за 1,85 милиони евра помалку од лани. Нето приходите од камати се 85,6 отсто од приходите од камати. Лани учеството на нето приходите од камати во вкупните приходи од камати било 84,5 отсто. Тоа значи дека и покрај намалувањето на обемот, годинава ефективноста е на повисоко ниво од лани.Кусокот од 1,85 милиони евра во однос на лани е надоместен во голема мерка со растот на нето приходите од провизии и надоместоци. Имено, годинава нето приходите од провизии изнесуваат 13,8 милиони евра и тие се за 1,56 милиони евра повисоки од приходите остварени по овој основ во истиот период лани.
Резервациите за првите девет месеци годинава изнесуваат 9,65 милиони евра и тука е клучната разлика која влијае врз добивката на банката. Имено лани за првите девет месеци тие изнесувале 8,5 милиони евра помалку од износот резервиран сега.Трошоците за вработените изнесуваат 10,35 милиони евра и се за околу 290.000 евра повисоки од истиот период лани.
Во билансот на состојба нема позначајни вести за истакнување освен зголемениот обем на вложување во хартии од вредност. Тие изнесуваат 133,3 милиони евра и за девет месеци се зголемени за 37,9 милиони евра. Вредноста на кредитното портфолио на крај на септември изнесува 1,05 милијарди евра и нема значајни поместувања во однос на крајот на 2018 година. Депозитите се на ниво од 1,31 милијарди евра и се зголемени за 75,4 милиони евра во споредба со крајот на 2018 година.
Р.Ф.
