Профитите на двете пензиски друштва се недостижни за многу домашни компании!
КБ Прво пензиско друштво има профит што изнесува 42 отсто од приходот, а добивката на НЛБ Нов пензиски фонд е 36 отсто од вкупните приходи
Двете друштва, кои управуваат со парите на идните пензионери во вториот задолжителен пензиски столб, се компании што лани оствариле солидни профити, покажуваат официјалните податоци од годишниот извештај на МАПАС (Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осугурување), за 2013 година.
„КБ Прво пензиско друштво“ на вкупни приходи од 174,8 милиони денари успеало да оствари годишен профит од 73,6 милиони денари што значи профитна маргина од 42 отсто. Другото друштво „НЛБ Нов пензиски фонд“ има профитна маргина од 36 отсто зашто на вкупни приходи оф 159,9 милиони денари друштвото остварило профит од 57,67 милиони денари. На овој сооднос можат да им завидат многу македонски компании од сите економски сфери. Двете друштва лани вложиле повеќе од 65 милиони евра – кои на име на пензиски придонеси биле уплатени од нивните членови.
Еве што пишува во годишниот извештај на МАПАС за лани: „Во споредба со 2012 година, двете друштва бележат пораст на нето добивката, со тоа што НЛБ бележи прилично голем пораст (55%), а КБ Прво нешто помал пораст (34)%. Порастот на добивката се должи на зголемените приходи во однос на претходната година, од една страна, а скоро исто ниво на трошоци како во претходната година, од друга страна. Порастот на приходите кај двете пензиски друштва е скоро ист, но КБ Прво има и пораст на трошоците, додека НЛБ нема пораст на трошоците.“
Овие податоци покажуваат на исплатливоста на бизнисот со водење на пензиските фондови од вториот задолжителен столб. Ако се има во предвид фактот дека во иднина овие фондови ќе имаат поголеми приходи, а расходите не би требало драстично да се зголемуваат тоа значи дека тие ќе треба да очекуваат уште поголеми добивки. За профитабилноста на овие друштва дополнителна светлина може да даде и споредбата на годишниот профит со основачкиот капитал. Основачкиот капитал на едно од друштвата е 1,8 милиони евра, а на другото е 2 милиони евра.
На страната на приходите лани двете друштва најголеми приходи оствариле од две влезни ставки. Првата е надоместокот што согласно со законската регулатива го добиваат за да вложуваат парите од пензиските придонеси на вработените Македонци – нивни членови, а втората е надоместокот од средствата со кои и досега управува и ги оплодува менаџментот на овие друштва. Се позначајна трета ставка се финансиските приходи на двата фонда. Другите приходни ставки пред се оние од надоместокот од придонеси и средства од доброволниот пезниски столб (трет столб) се уште се минимални и незначајни. Така, КБ Прво пензиско друштво лани од надоместоци на придонеси наплатило 84,6 милиони денари, а од надоместоци на средства имало приход од 72,3 милиони денари. Кај НЛБ Нов пензиски фонд од првата ставка се слеале 73,7 милиони денари заради тоа што ова друштво има помалку членови од другото друштво. А од втората ставка се слеале 62,3 милиони денари. НЛБ Нов пензиски фонд е поуспешен на приходната страна од конкурентот КБ Прво пензиско друштво само по финансиските приходи. Кај нив тие се 18,4 милиони денари на годишно ниво наспроти тие на конкурентот кои изнесуваат 14,9 милиони денари.
Лани двете компании најмногу пари потрошиле за вработените на друштвата. Кај НЛБ Нов пензиски фонд за плати и надоместоци на вработените се потрошени 41 милиони денари, а кај КБ Прво пензиски друштво 32,66 милиони денари. Значајна ставка се и трошоците за МАПАС кои се законска обврска на двете друштва. КБ Прво пензиско друштво платил 17,3 милиони денари, а НЛБ Нов пензиски фонд платил 15,2 милиони денари. За услуги НЛБ Нов пензиски фонд платил над 14 милиони денари, а КБ Прво пензиско друштво 7 милиони денари. За останатите трошоци од работењето КБ Прво пензиско друштво платило 16,1 милиони денари, а НЛБ Нов пензиски фонд 4,4 милиони денари.
Р.Ф.
Р.Ф.
Слично
