Професорскиот пленум в четврток застанува зад своите ученици
По повод третиот средношколски марш кој е најавен за во четврток од професорскиот пленум изразија изразува недвосмислена и потполна поддршка на Средношколскиот пленум во битката за проширување на академските слободи на сите нивоа на образование.
„Битката на Средношколскиот пленум против етатистичката и бирократска контрола врз организирањето и спроведувањето на образованието во Република Македонија ја разбира како природно надоврзување на процесите кои започнаа со појавата на Студентскиот пленум, а, набрзо потоа, и на Професорскиот пленум.
Професорскиот пленум го поддржува претстојниот Марш на Средношколскиот пленум и повикува на што помасовно присуство на сите граѓани затоа што слободното образование ги засега сите, затоа што слободното образование значи демократско општество“, соопштуваат од овој пленум.
Тие в четврток застануваат зад своите ученици. Заедно со нив ќе маршираат на третиот по ред протестен марш, против како што велат игнорантскиот однос на надлежните и лошите образовни реформи.Од Наставничкиот пленум велат дека професионална, родителска и граѓанска должност е да ги подржат нивните деца.
“Наставничкиот пленум од самиот почеток ги подржуваше учениците. Излеговме на првиот нивни протест, бевме на вториот, ќе бидеме и на секој следен, бидејќи секој ден сме со нашите ученици. Ние ги поддржуваме учениците во целост во нивните оправдани и аргументирани барања за квалитетно образование и ги сакаме назад во клупите, но не под овие услови. Мотив ни се нашите ученици, нашите деца. Празните училници и бојкотот е појава која не не остава рамнодушни. Напротив ние без учениците не сме наставници.”-вели професорката Гордана Лазоска од Наставничкиот пленум.
Според професорите, средношколците имаат неоспорни аргументи поради кои бараат враќање на стариот концепт на матура и да се стави во мирување екстерното тестирање. Барањата на Наставнички пленум, според нив, не само што се поклопуваат со тие на Средношколскиот пленум, туку се и побројни, а и за нив побараа средба со министерот која сеуште не се случи.
Според Наставничкиот пленум најитно треба да биде чуен гласот на средношколците од одговорните и надлежните во МОН бидејќи тие се директните учесници во воспитно-образовниот процес. “МОН- Направете го вистинскиот чекор и организирајте еден дебатен состанок кој ќе биде почеток на решавање на сите ученички, наставнички и родителски проблеми! Дозволете им на учениците да ги исполнат своите соништа. Не им го ускратувајте правото на здраво, моќно, цврсто и квалитетно образование кое ќе им ја трасира патеката на личната и колективна иднина. Тоа не засега сите! Тоа ја засега Македонија!”-порачуваат од Наставничкиот пленум. Имено, гимназијалците веќе 12 дена по ред ја бојкотираат наставата и за во четврток го најавија третиот средношколски марш.