Професорски пленум: Со потписот на Иванов се руши правото на образование!
Потписот на указите за прогласување на законите во областа на образованието од страна на претседателот Иванов предизвика бура во јавноста и професорската фела.
Потпишувањето на претседателот беше проследено со кратко соопштение во кое:
- се истакнува дека потписот го темели на извршените анализи и консултации, како и на бројните средби со најдобрите студенти во изминатите шест години;
- се укажува на потребата од успешна трансформација на високото образование, препознатливи студенти и професори, конкурентни на глобалниот пазар на знаење.
На ова соопштение со реакција се јавија од Професорскиот пленум кои очекуваат темелно и стручно аргументирано образложение за причините поради кои претседателот одлучил да биде државник, а не професор, потпишувајќи ги указите за прогласување на овие, не само важни, туку и спорни закони!
„Зачудени сме од она што следи во соопштението на Кабинетот на Иванов. Не чекајќи да се исуши мастилото од потписот, тој ја информира јавноста за:
- добиеното цврсто уверување од предлагачот (владата) дека ќе организира сеопфатна стручна расправа за најсуштествените прашања од високото образование со релевантни субјекти од оваа област, претставници на студентите и меѓународни експерти во функција на нов закон;
- спремноста за зголемени вложувања во научноистражувачката дејност, заради полесно приближување кон меѓународните научни достигнувања“, реагираат од Професорскиот пленум.
Тие во нивната реакција потсетуваат на неколку работи:
- тукушто потпишаните закони сè уште не стапиле во сила, а оние кои се колнеа во нивната нужност, „пост фестум“ зборуваат за нов закон?!
- зошто, кога ние баравме нов закон, тие не нè слушаа?
- зошто трчаа со измените и дополнувањата, наместо да ги повлечат законите?
- зошто нè убедуваа дека постапката е инклузивна, кога беше ексклузивна?
- зошто, кога ние укажувавме дека со 0,2 % за научни истражувања не се станува компетитивен и компарабилен на светската научна сцена, тие ни одговараа дека не е така?
- Зошто, претседателе-државнику, потпишувате закон за кој и самиот велите дека ќе биде заменет со нов?
„Укажуваме дека претседателот стави потпис на укази за прогласување на закони кои содржат неуставни одредби со кои се руши автономијата на универзитетот и правото на образование, одредби спротивни на европската конвенција за човекови права, норми спротивни на европските образовни стандарди, конфузни и контрадикторни одредби, неспроведливи и неприменливи норми, норми коишто ќе ги продлабочат, наместо да ги разрешат образовните проблеми“ велат од Професорскиот пленум!
Тие заради намалување на штетните последици од лошите закони потенцираат дека им преостанува да посегнат не само по правните инструменти за заштита на автономијата на универзитетот, туку и по легитимните форми на граѓанска непослушност!
