Професорот Иванов и Претседателот Иванов се две сосема различни личности!
Ѓорге Иванов го заборави изборниот слоган „Еден за сите“ со кој тој ја доби довербата од граѓаните за претседател на државата, ветувајќи дека нема да прави разлика помеѓу граѓаните според политичка определба, етничка и верска припадност. Со своите одлуки сите нас не изневери прекршувајќи го она што го вети, а не го исполни и не се ни потруди да го исполни, оценува новинарот, комуниколог и активист Билјана Петровска-Митревска.
За шефот на државата кој и бил ментор на магистарскиот труд „ Слоганите за време на политичките избори во РМ“ , Петровска Митревска вели дека Иванов на Правниот факултет бил сосема поинаква личност.
„Иванов како професор кој јас го запознав и како мој ментор е сосема поинаков: посветен на својата работа, одлична комуникација со студентите, секогаш застануваше во подршка на студентите. Голема поддршка ни даваше и на нас студентите од Студии по новинарство дури и се залагаше за развој на овие студии. Како претседател сосема поинаков човек, ми се чини како да зборувам за сосема друг“ објаснува нашиот соговорник.
Дали Ѓорге Иванов со неговата одлука за аболиција, ги ставил заедничките интереси пред личните, државните пред тесно партиските и дали може да се нарече патриот, прашува Петровска –Митревска.
Она што мислам дека е најболно и не знам како тоа го сваќа и прифаќа што еден од демонстратите Здравко Савески од „Левица“ е притворен, а беше еден од неговите најдобри студенти. Не знам како е да бидеш професор и да го гледаш својот студент на кого си му предавал „Политички теории “. Новинарот, комуниколог и активист вели дека досега не слушнала од Иванов да понуди конкретни решенија за проблемите во државата. „Не е работата само да се појавиш во медиум и нешто да кажеш, туку е важно што ќе направиш“, порачува Петровска –Митревска.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор:Од кога стана претседател во 2009 година, па сè до денес, Ѓорге Иванов на функцијата по што ќе биде запаметен - по гафовите во јавноста или по (не)проимислените одлуки ?
Петровска – Митревска: Според мене ќе остане запаметен по тоа што е единствениот Претседател на Република Македонија кој донесе одлука за аболиција на 56 лица во која голем дел се политичари, обвинети за криминал кој е на штета на државата и народот. Ќе остане запаметен како претседател за кој во Собранието му се гласаше импичмент. Претседател кој ја доби довербата на народот прокламирајќи се преку слоганот „Еден за сите“, односно претседател кој нема да прави разлика помеѓу граѓаните според политичка определба, етничка и верска припадност. И со своите одлуки сите нас не изневери прекршувајќи го она што го вети, а не го исполни и не се ни потруди да го исполни.
Според мене неговите гафови како и голем број нагафови на други политичари ќе останат запаметени и можеби од нив и ќе се создадат и голем број на вицови, но најмногу што ја наруши довербата кај граѓанитеи што не можеме да се заборавие неговото ветување „Еден за сите“ кое не го исполни преку неговите одлуки без разлика дали тие се промислени или непромислени.
Фактор: Кога македонскиот претседател ќе каже нешто, дали тоа значи дека имал нешто да каже или тоа го правиколку да е присутен во јавност ?
Петровска – Митревска: Неговото појавување во јавноста е најмногу за време на средби на други држави или приеми на дипломати и други политичари од други држави, што е нормално по ваквите средби да има информации во јавноста. Но , никогаш го немаше со конкретни решенија и ставови за проблемите во државата. Не е работата само да се појавиш во медиум и нешто да кажеш, туку е важно што ќе направиш. Јас ниеднаш не слушнав негова изјави па ниту од ниеден политичар кој што ќе ја нападне и својата партија за одредени одлуки и ставови, немам слушнато ниту еден политичар , па и ниту Иванов да преземат соодветни чекори за департизација на администрацијата, партиските вработувања, намалување на притисоците на работниците, решавање на социјалната прашања, правата на работниците и спротиставување со соодветни чекори за уназадувањето на целосниот општествен систем почнувајки од образованието, здравството па така понатаму. Лично очекував дека Иванов ќе се залага за поголема регионална соработка со која што ќе се овозможи економски развој и ќе поттикнува соработка со нашите соседи и ќе работи на рушење на националистичките политички искреирани бариери. Но тоа беше само моја надеж и верба која не се реализира.
Фактор: Во првниот претседателски мандат Иванов малку го има на домашната сцена.Тој речиси целосно се дистанцираше од големите прашања што ја засегаат државата. Што мислите што го поттика шефот на државата да донесе одлука за аболиција на 56 лица а подоцна делумно да го повлече решение ?
Петровска – МитревскаНе сум политиколог или некој политички аналитичар, а и не се занимавам и не планирам да се занимавам со политика за да можам да кажам што го поттикнало да ја донесе оваа одлука. Јас пред се сум новинар и секогаш ги анализирам говорите и изјавите на луѓето кои ги даваат. Иванов во своето излаѓање во Парламенот на крајот на 2015 истакна: Идната година ќе биде тест на кој треба да покажеме што сме научиле во изминатиот четврт век независност и демократија.
Дали научивме да се однесуваме одговорно. Дали умееме заедничките да ги ставаме пред личните интереси. Дали умееме државните да ги ставаме пред тесно-партиските интереси. Дали сме достојни да се наречеме патриоти.Е сега по оваа негова констатација јас сакам да го прашам дали со неговата одлука за аболиција, тој се однесуваше одговорно, ги стави заеднички интереси пред личните, државните пред тесно партиските и дали може да се нарече патриот?
По таа одлука единствено што постигна е само што не поттикна да се спротиставиме на ваквата одлука на начин кој единствено ни преостануваше со Протестите токму и тие влијаеа на повлекување на ова бесмислена одлука.
Фактор: Дали професорот од Правниот факултет кој ви бил и ментор на магистерсткиот труд „ Слоганите за време на политичките избори во РМ “ ја оправда доврбата на македонските граѓани како претседател на државата ?
Петровска – Митревска: Со неговиот слоган „Еден за сите “ со кој се залагаше дека ќе е Претседател на сите граѓани на РМ со неговите одлуки ја изгуби довербата кај голем дел од граѓаните, освен кај оние кои сеуште се под некој политички – партиски притисок. Кога ја подготвував магистерската од негова страна ми беше истакнато дека политичарите секогаш треба да имаат слогани и пораки кои се реални и кои навистина ќе ги реализираат. Но за жал на Иванов не му успеа да го реализира своето ветување дека ќе биде Претседател на сите нас и ќе успее да ги сруши политичките бариери и поделби помеѓу народот .
Фактор: Каква е разликата помеѓу универзитетскиот професор Ѓорге Иванов и претседателот на Македонија Ѓорге Иванов?
Петровска – МитревскаРазликата е многу голема. Иванов како професор кој јас го запознав и како мој ментор е сосема поинаков: посветен на својата работа,многу и ми помагаше околу магистерскиот труд, одлична комуникација со студентите, секогаш застануваше во подршка на студентите и тоа и како Продекан на Правниот факултет во Скопје. Голема поддршка даваше и на нас студентите од Студии по новинарство дури и се залагаше за развој на овие студии.
Како претседател сосема поинаков човек, ми се чини како да зборувам за сосема друг човек. Она што мислам дека е најболно и не знам како тоа го сваќа и прифаќа што еден од демонстратите мојот другар Здравко Савески од „Левица“ е притворен, а беше еден од неговите најдобри негови студенти. Не знам како е да бидеш професор и да го гледаш својот студент на кого си му предавал „Политички теории “ сега притворен, затоа што не е истомисленик на владеачката партија и одлуката за аболиција. Она што го знам и двајцата имаат докторирано на иста тема „Демократија“ и сега студентот поради спротиставувањето преку протест на несоодветната одлука на својот професор е притворен и обесправен, а неговиот професор молчи. Мене тоа да ми се случуваше многу ќе ме болеше, сега кога пишувам чуствувам револт и болка.И еве за крај и јас како и Савески ќе ги поставам отворени прашањата: Што за Иванов претставува демократија и зошто поради неговотоукинувањето на правната држава во Македонија нашите другари од „Левица“, Здравко Савески и Владимир Куновски речиси 40 дена не смеат да го напуштат домот.
