Професорот Дарко Лазаров избран за член на Фискалниот совет
Професорот од Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, воедно и познат колумнист Дарко Лазаров вчера беше избран од Собранието за член на Фискалниот совет.
Лазаров е добро познат во јавноста благодарение на активното учество во општествените случувања, преку своите колумни, критики и мислења споделени во јавноста, но и како член на Собранието на Стопанската комора на Северна Македонија и претседател на Клубот на извозници при Комората.
Тој, ќе биде дел од ова тело на предлог на Народната банка на Македонија.
Професорот Лазаров е редовен професор во областа Економија на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, но воедно е проректор за инвестиции, развој и и одржување на Универзитетот "Гоце Делчев" - Штип.
Работел како вонреден професор во областа економска теорија Економски Факултет при Универзитетот „Гоце Делчев" - Штип и како раководител на катедра Економија на Економски Факултет при Универзитетот „Гоце Делчев" - Штип. Претходно бил доцент во областа економска теорија на Економски Факултет при Универзитетот "Гоце Делчев" – Штип, како и асистент на предмети во областа на економска теорија на Економски Факултет при Универзитетот "Гоце Делчев" - Штип...
Согласно Законот за буџети, Фискалниот совет се состои од три члена, при што по еден член предлагаат Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Државниот завод за ревизија и Народната банка на Република Северна Македонија, а ги именува Собранието.
Мандатот на членовите на Фискалниот совет трае шест години со можност за реизбор.
Фискалниот совет е независно тело кое одговара пред Собранието на Македонија. При оформувањето на ова тело беше истакнато дека е дел од реформите во јавните финансии, и како независно тело го надгледува спроведувањето на таргетите, ja оценува макроекономската поставеност...
Членовите на Советот се задолжени за анализи и мислење за фискалните ризици и веројатноста на исполнување на Буџетот на државата и фискалната стратегија, но и за исполнување на фискалните правила од Законот за буџети, како и за ризиците за отстапување од фискалните правила.
Меѓу другото, членовите на Фискалниот совет дејствуваат самостојно, независно и непристрасно во согласност со највисоките професионални и етички стандарди. Ставовите кои ги изнесуваат при јавни настапи поврзани со активностите на советот, не претставуваат став на институциите кои ги предложиле.
Д.Т
