Професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, предупредува дека Македонија постепено го губи својот енергетски суверенитет, додека од ваквата состојба најмногу профитираат приватните производители и трговци со електрична енергија.
Во објава на социјалните мрежи, Трајковски оценува дека без силно државно производство на електрична енергија, земјата останува зависна од берзите и од увозот.
„Без сопствено, државно производство кое е надвор од логиката на берзанските шпекулации, Македонија останува енергетски заложник на пазарите за електрична енергија“, наведува Трајковски.
Тој посочува дека вистинската економска стабилност не доаѓа од купување скапа струја, туку од изградба на сопствени енергетски капацитети.
„Вистинската макроекономска стабилност не доаѓа од улогата на беспомошни купувачи на скапа енергија, туку од изградбата на сопствениот енергетски суверенитет преку јавни инвестиции во базна и обновлива енергија“, пишува професорот.
Според него, со години се дозволува постојните државни капацитети да пропаѓаат, а нови да не се градат.
„Наместо државата да биде главниот инвеститор во нови централи кои би гарантирале евтина енергија за граѓаните и стопанството, сведоци сме на свесно туркање на ЕСМ во долгови и техничка пропаст“, оценува Трајковски.
Професорот тврди дека ваквата политика создава зависност од приватното производство и од увозот на електрична енергија.
„Моментално околу половина од бруто конзумот на електрична енергија во земјава се задоволува со купување од приватни производители и од увоз“, посочува тој.
Трајковски предупредува дека секој мегаватчас што државата не го произведува значи дополнителен трошок за граѓаните и поголем профит за трговците со струја.
„Секој непроизведен државен мегаватчас им носи чист профит на трговците и дополнителен трошок на македонскиот народ“, нагласува професорот.
Тој додава дека Македонија има природни ресурси и стручен кадар, но дека недостасува политичка волја за вистинска енергетска независност.
„Трагедијата е во тоа што Македонија има ресурси и знаење, но нема политичка волја да излезе од овој магепсан круг на зависност“, заклучува Трајковски.
