Професорите со поддршка од колегите, државниот просветен инспекторат спрема решение!
Државниот просветен инспекторат најави дека оваа недела ќе го подготви записникот од спроведената контрола на законитоста на процедурата за конкурсот за избор на професори во повисоко звање, на штипскиот универзитет “Гоце Делчев”. Откако ќе биде готов записникот на инспекторите, се очекува за случајот да се изјасни и ректорот.
Во меѓувреме се засилува поддршката на тројцата професори од нивните колеги. Професорот Методија Стојановски од Педагошкиот факултет при универзитетот “Св. Климент Охридски” во Битола, за Фактор вели дека во случајот се прекршени законите, а гласањето било по нечие убедување.
„Не се согласувам воопшто со тоа што сега се случува со тројцата професори. Сигурно се прекршени законите, и мислам дека имало некакво убедување за гласањето на членовите на научно-наставничкиот совет. Сигурно имало причина зошто по позитивниот рецензенски извештај и тие што дале позитивна оценка, за време на гласањето гласале негативно, веројатно биле под некакво влијание, не навлеувам чие. Резултатот од гласањето би имал некаква логика, ако барем еден член од Комисијата за рецензија негативно ги оценил трудовите и имал различно мислење, а колку што сум запознаен сите членови на комисијата дале позитивна оценка. Меѓутоа и да било така, тие што на тој начин сега гласале против, треба да знаат дека и нив може да ги снајде истото“, вели професорот Методија Стојановски од универзитетот во Битола.Доц.д-р Ивица Максимовски, Правен факултет, Европски Универзитет РМ, вели дека на колеги кои се во постапка на реизбор како единствено законско релевантно мерило треба да биде земена предвид позитивната оценка дадена во рефератите од Рецензентските комисии.
„Доколку се дозволи колегите да останат без работа, после преку 20 години формално образование и континуиран процес на учење, како и долгогодишна вклученост во наставно-образовниот процес, тогаш се испраќа загрижувачки сигнал до интересните групи и јавноста за социјална несигурност на универзитетската професија и кариера. Сметам дека колегите сосема оправдано и праведно го побаруваат своето законско право, поради што ја имаат мојата целосна и безрезервна поддршка. Општествено одговорно, корисно и етички е да се изнајде брзо позитивно решение и да се реши голготата кои ја поминуваат овие храбри колеги и да им се дозволи да си заминат на заслужен годишен одмор“ вели Максимовски.Претходно професорите Роберт Димитровски, Томе Неновски, Татјана Стојаноска, Јове Кекеновски, Ненад Новковски застанаа во одбрана на своите колеги.
Академската фела застана на страна на штрајкувачите: УГД Штип треба да ги врати на работа професорите!Професорите ја имаат и поддршката од синдикатот за образование, кој ги повика сите надлежни институции да најдат законско решение за случајот. И од СОНК укажаа дека се прекршени неколку закони меѓу кои и дел од меѓународните законски регулативи во делот на работничките права. Од СОНК побараа ректорот да ја преиспита одлуката на научно-наставничкиот совет на штипскиот универзитет. Во меѓувреме тројцата професори Крсте Шајноски, Александар Костадиновски и Маргарита Матлиеска, не се откажуваат од штрајкот со глад. Велат дека штрајкот ќе трае се додека не се исполнат нивните барања. Професорите бараат деканот на Економскиот факултет Ристо Фотов да се разреши и да се постапи по предлогот на комисијата за рецензија, која позитивно ги оценила нивните трудови, клучни за избор во повисоко звање. Ј.С
Слично
