Професорите бараат министерски плати
Синдикатот на Универзитетот на Црна Гора бара промена во гранковиот колективен договор, со кој платите на професорите ќе се изедначат со оние на министрите и пратениците - околу 1.200 евра.
Дипломите на наставниот кадар на црногорскиот универзитет, дури и на оние со звање магистри и доктори на науки, во моментот не вредат ни колку просечната потрошувачка кошничка во оваа земја, која за четиричлено семејство во март изнесуваше 792,4 евра. Вкупно 1.187 вработени во оваа институција велат дека на вратата им чука сиромаштија.
„Очекувам да се најде решение според кое поправедно ќе се исплаќаат заработувачките на државниот Универзитет. Како да се мотивира млад доктор на науки, кој треба да прими плата од 480 евра?“, прашува претседателот на Синдикатот проф. д-р Вукашин Зоговиќ.
„Редовен професор со 20 години стаж прима плата од 750 евра, додека некој со многу пониско образование месечно заработува и до 1.200 евра месечно“, додава тој.
Наспроти ова, на приватните универзитети во Подгорица вонредните и редовните професори примаат плати меѓу 1.200 и 1.500 евра. Министерските прати во Црна Гора изнесуваат околу 1.200 евра, додека пратеничките меѓу 1.300 и 1.700 евра, со дополнителни додатоци за учество и претседавање со комисии и одбори. На овој начин одредени народни избраници стигнуваат до плата и до 3.000 евра месечно. Истовремено, 79.000 граѓани живеат од социјална помош, а 45.000 пензионери добиваат помалку од 270 евра месечно.
Слично
