Професори од Битола апелираат до ректорот на УГД: „Животите на професорите се во Ваши раце!“
Двајца професори од Битола, со отворено писмо до ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип апелираат да реагира за решавање на ситуацијата на тројцата професори од Економскиот факултет кои штрајкуваат со глад бидејќи НЕ се унапредени во повисоки звања.
„Имајќи го во вид фактот дека гладуваат веќе тринаесетти ден, многу сериозно сме загрижени за нивното здравје и за нивните животи.
Заради ова, апелираме до Вас што поскоро да ги спроведете укажувањата и заклучоците од направениот увид на Државниот просветен инспекторат кои се однесуваат на неправилностите и незаконитоста во работата на Економскиот факултет, а во врска со изборот на професорите во повисоки звања“, се вели во писмото.
Професорите бараат од ректорот во најскоро време да го свика наставно-научниот совет (ННС) да се произнесе по ова прашање, а членовите на ННС да гласаат согласно позитивните законски прописи.
„Повторуваме: станува збор за здравје и за живот.Одговорноста за здравјето и животот на тројцата професори се наоѓа во Ваши раце и зависи од Вашата совест. Доволно е за миг Вие како менаџер, но и членовите на ННС, како донесувачи на одлуки, да замислите дека Вашите најблиски се наоѓаат на местото на професорите кои штрајкуваат со глад. Се надеваме дека овој апел ќе допре до Вашата човечност и Вие во најкраток можен рок ќе одговорите согласно законите и во рамките на своите надлежности“, се наведува во писмото потпишано од д-р Марика Сотировска - Сервини, м-р на мед. науки, примариус, спец. педијатар, проф. на Високата медицинска школа - Битола (во пензија) и Јани Сервини м-р на економ. науки, дипл. инж. - компјутерска техника и информатика, професор во СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ - Битола.
Слично
