Професор Бановиќ-Марковска: Комисијата за образование даде зелено светло за реформа на политичка моќ!
Маратонската седница на собраниската Комисија за образование, наука и спорт на која во раните утрински часови поминаа во второ читање пакетот Закони меѓу кои и Предлог Законот за високо образование, е само одраз на своевиден државен интервенционизам во автономијата на универзитетите во Македонија, непрепознавање на потенцијалот на сопствената академска заедница и потценување на студентите-вели за Фактор, професорката Ангелина Бановиќ-Марковска од Филолошкиот факултет, член на Професорскиот пленум. Таа нагласува дека со самиот факт што предлог-Законот беше ставен како последна точка на дневниот ред и помина на второ читање дури доцна во ноќта, се девалвираат демократските принципи во државава, наспроти загрижената и искрена реакција на реномирани универзитетски професори од странство, па дури и наспроти интервенцијата на некои пратеници во Собранието за повлекување на започнатата процедура.
“За едно вакво горливо прашање, за кое изминативе месеци се мобилизираше сета интелектуална, академска и цивилна јавност во Македонија, постапката на матичната комисија за образование, да го усвои „подобрениот“ пакет-закон во Собранието, говори за сериозната намера на Владата да ги игнорира најдобронамерните реакции на засегнатите страни и да демонстрира крута позиција на политичка моќ. Наспроти интензивните и гласни барања на Студентскиот и Професорскиот пленум, за отфрлање на Предлог-законот за високото образование со кој се девалвираат демократските принципи во државава, наспроти загрижената и искрена реакција на реномирани универзитетски професори од странство, па дури и наспроти интервенцијата на некои пратеници во Собранието за повлекување на започнатата процедура, одлуката на Комисијата е само одраз на своевиден државен интервенционизам во автономијата на универзитетите во Македонија, непрепознавање на потенцијалот на сопствената академска заедница, потценување на студентите кои, без оглед на различната етничка и верска припадност, одлучија да се легитимираат како Студентски пленум, само со својот индекс и со статусот на идни академски граѓани. На нив треба да смета секое сериозно општество”-вели проф.д-р Ангелина Бановиќ-Марковска.
Имајќи ја во предвид брзината со која предлог Законот помина на првото и второто читање на матичната комисија, и професорите и студентите немаат дилема дека се очекува и негово брзо носење на Пленарна седница, иако, според нив, и покрај скоро тримесечниот израз на незадоволство на студентите и дел од академската заедница немаше ниту една битна и суштинска промена.
“Веќе сме соочени со еден контрадикторен, противуставен и тешко спроведлив Закон, смешен по многу нешта, нејасен и штетен не само за академската заедница, туку и за општеството во целост. Соочени сме со демонстрација на политичка моќ, наместо на здрав разум, со директен упад во уставно загарантираната слобода на универзитетите како темелна вредност на секое демократско општество. Искрено се надевам и очекувам (заедно со колегите од Професорскиот пленум и со студентите, секако), дека претседателот на Република Македонија, професор д-р Ѓорге Иванов, човек од академската заедница кој веќе упати јавен повик за дијалог, ќе го искористи своето право на вето, не за да предизвика непромислена политичка криза во државава туку, повикувајќи се на Уставот, да ја аргументира и засведочи сериозноната состојба пред која е ставена сета македонска јавност”-додава проф. Бановиќ-Марковска.
Сериозни закони-без дебата!
Професорите во неколку наврати побараа ново законско решение со кое долгорочно би се решиле проблемите во високото образование. Според нив, потребно е повлекување на пакетот закони, суштинска анализа на воспитно-образовниот систем, евидентирање на сите болни точки како образовни политики кои можат да бидат добра основа за реформите.Поголемиот дел од професорите, деканските и ректорските управи,според професорката Бановиќ-Марковска, подолг период упорно укажуваат дека е треба компетентна, темелна, длабоко промислена и неизбрзана дебата, не само за реформите во високото образование, туку за реформи во целиот образовен систем. Тие потенцираат дека без партиципирање на најзасегнатите страни, тие што најсуштински ги познаваат “болестите” во образованието,меѓу кои и студентите од Пленумот, не може да се очекува сериозен исчекор, ниту да се добијат квалитетни промени.
“Колку само укажувања, петиции и отворени писма беа испратени од страна на Професорскиот и Студентскиот пленум до најрелевантните државни фактори! Зарем тоа не е доказ дека токму отсуството на конструктивна дебата е каменот на сопнувањето околу кое се одвива сета бркотница по Законот, вклучително и некоректната, нерамноправна и нехумана медиумска битка за придобивање на јавноста? Предложената дебата од страна на МОН и Владата на РМ, беше премногу задоцнета и би рекла нелегитимна. Не само што го игнорираше барањето на универзитетската и академска заедница, таа дрско превиде (замислете, не виде!) 130 страници забелешки на Предлог-законот, обидувајќи се во една нетранспаретна и секавична процедура, да му даде легитимитет на еден неапликативен Закон, кој во изминативе 6 години доживеа дури 15 измени! Зарем тоа не сведочи дека предложените реформи се резултат на политичка моќ, а не на компетентна и демократски спроведена процедура?”-вели универзитетскиот професор Ангелина Бановиќ-Марковска.
Досега, додава, и покрај алармот и реакциите на студентите, голем дел од академската заедница, но и ректорските управи на поголем број од Универзитетите, никој од надлежните не се одважи да седне на заедничка маса и да разговара за лоцирање и долгорочно решавање на проблемите во високото образование. Затоа, потенцира професорката од Филолошкиот факултет, професорите побараа повлекување на предлог законот и јавни дебати за заеднички решенија .
“Ниту еден здраворазумен и одговорен член на оваa академска заедница не би можел да биде против квалитетни реформи во образованието! Но – РЕФОРМИ, не ПРО-ФОРМИ! Реформи што ќе произлезат од еден критички дијалог кој нема да го преиспитува само квалитетот на универзитетските професори, туку и политиката на Владата која, последниве години, со комерцијализирањето и хиперпродукцијата на универзитети и факултети создаде нелојална конкуренција во државава и луда трка по студенти... А за тоа каде ги лоцирам актуелните проблеми во високото образование, ќе ви кажам – во мерките што Професорскиот пленум ги препозна како „сто погрешни чекори на Владата“. Ќе наведам само неколку: укинување на приемните испити; запишување на постдипломци без никаков критериум (со просек 6.00); предвремена реакредитација на актуелни програми на сите три нивоа на студии; лоши преводи на странски универзитетски учебници (повеќето немаат стручна редакција, ниту јазична лектура); непостоење фонд за книги и списанија во Министреството за наука (немање пристап до најнова странска литература, научни списанија, Web of Science)... и ред други нешта-“-нагласува проф. Бановиќ-Марковска.
Закон со обврски и казни –удар врз Универзитетската автономија!
Иако идејата за воведување на државен испит беше поводот за незадоволството на студентите и професорите, сега во новиот предлог закон излегоа уште многу нови одредби кои според дел од професорите ќе ја нарушат Универзитетската автономија. Меѓу другото од професорите се бара објавување на научни трудови во меѓународно признати списанија со импакт фактор кои ќе бидат законски определени, а се предвидени и драконски казни за деканите и раководствата на факултетите кои нема да го спроведат државниот испит. Ова според професорката Ангелина Бановиќ-Марковска, е уште еден арогантен удар врз уставно загарантираната слобода на високото образование во земјава.
“Незадоволството започна како несогласување со предлогот на МОН за воведување екстерно тестирање (државен испит) за студентите на сите универзитети во РМ, испитување со кое, свесно или не, се доведува во прашање компетентноста на универзитетскиот кадар, претворајќи го во објект на државна контрола која одлучува дали ќе додели дипломи или не. И драконските казни – глобата до 30.000 евра и казната затвор до 3 години за неспроведување на државниот испит – претставуваат уште еден арогантен удар врз уставно загарантираната слобода на високото образование во РМ. Може ли некој, во вакви услови, да очекува дека во оваа држава ќе се развива креативна, критичка и независна мисла? Или онаа тенденција за наметнување погрешно имаго врз академската заедница, која некои субјекти си зедоа слобода да ја оценат како мрзелива, комформистичка и некадарна да произведе квалитет? За среќа, многу примери го покажуваат спротивното. Знаете, постојат научни дисциплини (како хуманистичките и општествените науки) за кои објавувањето текстови во списанија со импакт-фактор не е толку меродавно. За нив е поважно публикување трудови, книги и монографии кои ќе ја промовираат македонската научна мисла, пошироко од границите на регионот. А такви, за среќа, има и за нив сведочат странски издавачки куќи и рецентни меѓународни научни списанија”-додава проф. Бановиќ-Марковска.
Без инвестиција во наука-нема квалитет!
Законот за високо образование што го предлага Министерството за образование, вели професорката, е неприфатлив и смешен затоа што не може да обезбеди проста репродукција на научен кадар, а не да ги усогласи наставните програми според најдобрите светски универзитети. Условите во кои работи нашата академска заедница, според неа, се крајно понижувачки.
“Споредбите со најдобрите европски и светски универзитети се потребни зашто ја формираат сликата за нас, како што и ние, секако, добиваме конкретна претстава за другите. Но, ве молам, знае ли македонската јавност во какви услови работат европските и американските универзитети, а со колкав, на пример, буџет за развој на науката располагаат нашите? Законот што го предлага МОН е неприфатлив и смешен затоа што не може да обезбеди проста репродукција на научен кадар, а камо да ги усогласи наставните програми според најдобрите светски универзитети. Знаете ли дека се крајно понижувачки условите во кои работи нашата академска заедница? Треба да ги бараме причините, а не да ги залечуваме раните. Еве неколку: укинување на асистентски места и отсуство на млад научен кадар, недостиг на конкурси за национални истражувачки проекти, отсуство на субвенции за учество на меѓународни конгреси и конференции... Да не говориме за непостоење на долгорочна стратегија за опстојување на студии од национален интерес (катедрите и институтите за македонски јазик, македонска литература, историја...) Да набројувам уште? Ниту едно општество не може да очекува дека ќе има просперитет во вакви... минус-бесконечно лоши услови”-смета професорката Бановиќ-Марковска.
Без суштинска дебата со сите битни чинители во високото образование, според неа, не може да се постигне квалитетен исчекор на кој било план. Дополнително, вели, честото менување на законите со дури 15 измени на Законот за високо образование за само 6 години, неможе да бидат гаранција за академскиот кодекс, или потврда на меѓународните документи во кои се вградени стандардите за обезбедување квалитет во европскиот простор на високото образование. Оттука, потенцира професорката, неможе да стане збор за сериозна намера да се продуцира квалитетен високообразуван кадар кој лесно ќе се вклопи во разнишаниот бизнис сектор во Македонија и во светот.
Воведувањето избрзани, нејасни, неконцизни законски реформи без темелна анализа на состојбите, според проф.Бановиќ-Марковска, само како резултат на произволна политичка моќ, може да доведе до сериозно поместување на вредностите во општествениот систем. Тоа не може да вети светла иднина, најмалку да им ја гарантира на идните генерации во чие име насила се носи овој Закон.
“ Одговорно тврдам дека, најголемиот дел од академската заедница ѝ мисли добро на оваа држава. Никој од нас не сака одлив на мозоци и промашени животи, но за да се спречи тоа, работите треба да се постават на здрави основи. За тоа не е потребна само политичка моќ, туку и политичка доблест и работите ќе си дојдат на своето место”-потенцира универзитетската професорка.
С.Б.
Слично
