Професионалните војници задоволни што ќе продолжат во државна служба
Прoфесионалните војници го поддржаа новото законско решение со кое се предвидува војниците со навршени 45 години да се вработуваат во државни институции до пензионирање.
„Ја поздравуваме ваквата одлука, како и решението до крајот на месецот да биде донесено законското решение за околу 3.700 професионални војници. Оваа одлука ни ја зголемува мотивираноста за над 100% бидејќи сите професионални војници сега ќе знаат дека статусот им е решен’, изјави генералниот секретар на синдикатот за одбрана и безбедност Ацо Спасовски.
И Независниот синдикат на професионалните војници ја поздрави владината одлука.
„Практично ова значи исполнување на едно од нашите клучни барања за решавање на статусот на војниците и нормално може да има само пофални зборови“, вели Веле Крбалески, претседател на Независниот синдикат на професионалните војници.
Ваквото законско решение со кое по 45 години професионалните војници ќе бидат вработени во државните служби позитивно влијае пред се на професионалноста на војниците и во процесот на завршување на бараните борбени задачи, сметаат синдикалците.
Заменик министерот за одбрана, Емил Димитриев истакна дека првата важна димензија е тоа што професионалните војници по нивната служба во Армијата ќе може да стекнат услови за пензија, додека втората е тоа што ќе ги мотивира војниците.
Премиерот Груевски вчера го задолжи Министерството за одбрана во рок од 10 дена да достави Предлог-закон со кој ќе се овозможи прераспределба на војниците во државна служба.
Слично
