Професионални војници бараат законот за вработување да важи и ретроактивно
Дел од поранешните професионални војници, учесници во конфликтот од 2001-та, не се задоволни од новата мерка што ја најави Владата - вработување во други државни институции за војниците кои ќе навршат 45 години старост.
Според нив, ова законско решение не ги опфаќа нив, затоа што биле отпуштени од војска по претходното законско решение, на возраст од 38 години. Затоа бараат законот да важи ретроактивно и за веќе отпуштените војници. Според нивните податоци, досега поради својата возраст од армијата отпуштени биле околу 120 војници, скоро сите бранители од конфликтот во 2001-та година.
Од нив 70-тина имале желба да продолжат да работат, но не можат да најдат вработување. Од споменикот „Воин на коњ“, под Триумфалната порта, до споменикот на бранителите во Жена парк, овие војници протестираа денеска предводени од лидерот на „Достоинство“ Стојанче Ангелов , изразувајќи го нивното незадоволство. Упатија апел до премиерот Никола Груевски и претседателот Ѓорге Иванов да не ги забораваат, бидејќи во 2001 година биле на работ на смрт, бранејќи ја државата.
„Ја повикуваме владата веднаш да ги врати овие луѓе на работа, односно измените на законот ретроактивно да важат и за нив. Доколку нема такви услови, истите да бидат вработени во судската, затворската или шумската полиција“, изјави Ангелов.
Голем дел од овие луѓе учествувале и во мисии во Ирак и Авганистан.
Владата минатата недела го најави законското решение со кое војниците со навршени 45 години старост, по отпустот од армијата, ќе бидат префрлени да работат во друга државна институција до пензионирање. Според премиерот Груевски, мерката опфаќа околу 4.000 професионални војници. Првите професионални војници ќе бидат прераспределени во други институции на работа, откако ќе наполнат 45 години во 2018-та година.
Слично
