Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПРОФЕСОР ПО ИСТОРИЈА ПОРАЧУВА: Да ја вратиме суштината во образованието!

ПРОФЕСОР ПО ИСТОРИЈА ПОРАЧУВА: Да ја вратиме суштината во образованието!
Просветниот работник треба да биде пример и модел на однесување за своите ученици, да ги образува и  воспитува. Но реформите кои се спроведуваат  во образованието  последниве десетина година ја маргинализираат  неговата улога, го прават наставникот потчинет на системот и правилата наметнати од политиката.  Законските измени и реформите се носат како форма,  а не како суштина –вели за Фактор, Ристо Николески, професор по историја во охридската гимназија. Екстерното тестирање и интегралната  инспекција како што вели се едни од моделите на кои се базира реформата на Министерството за образование, но без да се постигне крајната цел-подобрување на квалитетот на образованиот процес. Напротив, реагира Николески, реформите се фиктивни и со спротивен ефект. “Ќе зборувам за воведувањето на електронскиот дневник како една реформа која не функционира односно воспоставување на реформи како про-форма а не како суштина на нештото. Суштината на електронскиот дневник беше да се намали административната работа на еден наставник-професор и да се дозволи професорот да има време да креира и да биде послободен во својата работа. Сега имаме и електронски дневник каде ги запишуваме сите работи кои истовремено ги запишуваме и во старите дневници. На крај даваме извештаи, имаме главна книга која исто така треба да трпи реформи. Да не набројувам колкава административна работа имаме и на тоа се додава таа интегрална инспекција која доаѓа на секои 4 години и наводно проверува како работат професорите, дали доволно се обучуваат во текот на годините бидејќи ние треба цел живот да учиме, да се надградуваме и да одиме на семинари. Тоа е се во ред но само доколку би профункционирало како што треба. Но интегралните инспектори не се стручни. За сите предмети се истите. Мене никогаш како инспектор на час не ми дошол професор или советник по историја. Не сум видел таков човек. А професор по историја може да биде проверен само од инспектор со струка иста како мојата – историја. Во стручните уметнички училишта влегуваат инспектори кои немаат допирни точки со уметност, музика”- објаснува професорот Николески. Погрешните реформи се еден од проблемите во образованието,  но политичката поделеност која се направи помеѓу наставниот кадар според професорот по историја    ја задушува еснафска комуникација меѓу колегите. Се групираат вели како  во гето. Вината Николески ја лоцира во креаторите на   образовните политики. “Јас бидејќи сум историчар, користам само прост историски преглед. Во 2006-та година има промена на власт во државава. Каков образовен систем затекна новата влада?! Или да споредиме што се зборуваше во тој период и што се зборува сега. Како образовниот систем до 2006-та беше претставен од новата влада. Рекоа дека тој е продолжение  на социјалистичкиот само со делумни промени во истиот. Презентираа како наставниот кадар ништо не работи и тоа мислење го наметнаа кај народот. Дека ние имаме одмор и на зима и на лето. Од тоа се гледа дека тие реформите во образованието ги започнаа со ваква подлога, со деградирање на наставниот кадар. Со екстерното тестирање целта во однос на наставниот кадар е казнување и наградување и со тоа да се направи натпревар меѓу колегите со подобро и пореално оценување.Зошто ова не профункционира?! Затоа што беше фиктивна реформа, а вистинската функција е прикажување во јавноста дека се работи, односно ширење популизам”-додава Николески. Дополнителен проблем вели се законските решенија кои се носат брзо, по скратена постапка и без компаративни анализи со другите образовни системи преку кои може да се најдат подобри практики. “Ќе почнам од основно образование. Ке ја земам последната реформа за воспоставување на Кембриџ систем, можам да зборувам за овој проблем бидејќи имам прваче. Ако таа суштински се спроведеше како во земјите од каде е земена со мали измени ќе беше одлично но и тука ја бараат само формата. Каде е погрешено во реализацијата на таа реформа?! Двосмено одење на училиште за децата од најмала возраст. Психолошки не е возможно така да се воспитува или да се образова дете на таа возраст. Кембриџ системот треба да се спроведе со целодневна настава, но овие згради кои ги имаме и каде што е имплементиран Кембриџ метода се направени за сосем различен стил на образовен систем. Погрешија и во самиот хардвер. Прво треба да се промени хардверот, односно образовните згради од прво до петто одделение да се наменат за Кембриџ метода и да се инсталира наш софтвер односно професори, учебници, учебни помагала и сето тоа да се одвива многу убаво. Со соодветен наставен кадар и со соодветни наставни програми”- потенцира професорот по историја. На крајот на месецот Николески ќе биде модератор  на трибините посветени на проблемите во образованието  во организација на Центарот за меѓуетничка толеранција преку кои ќе се детектираат проблемите и ќе се бараат и нудат решенија кои треба да придонесат за нивно надминување,  кое првенствено треба да се бара во вклучување на практичарите во образовните процеси и политики. “Со трибина може да се започне момент на добивање вистински, суштински реформи во образовниот систем. Во Охрид темата е за учебници и учебни помагала. Целосно да го промениме образовниов систем е многу тешко и комплексно, не е едноставно да ги детектираме сите проблеми во сите учебници, за тоа е потребна вистинска, искрена тимска работа, само со стручни кадри од училиштата. Секој треба да си пишува за својата публика. Наставници од средните училишта треба да ги пишуваат наставните помагала за средно образование. Универзитетските професори треба да ги пишуваат учебниците и наставните помагала за нивната публика. Не сакаме да ни се мешаат. Многу е тешко да ја вратиме суштината, да го вратиме образованието во образовниот систем” –додава професорот. Минатата учебна година која помина во знакот на јавно изразеното незадоволство на учениците, студентите и професорите тој  ја оценува како година на изразен став  на младите  кои треба да продолжат со истата енергија и елан да се борат и да ги бараат своите права. Во спротивно вели,  ќе станат само личности потчинети на системот. “ Искрено ме радува што минатата година беше година на протести, бидејќи колку толку се собраа луѓето да го искажат својот став, не само во образованието, се залагаат за своите барања. Нормално дека имаме притисоци, не треба ни да дискутираме за тоа. Кај народот дури е всаден страв дека некој ги слуша и ги гледа како во времето на УДБА. Тоа не е случајот со младите, но кај нив пак премногу влијае политичкото вработување и не знаат дека за тие пари се измамени и станале потрчковци на овој образовен систем,  а не вистински работници. Не ги вреѓам нив, повеќе од нив се стручни за предметите но со таа сервилна креативност и потчинување не се самите на своето, не се искрени во она што го прават. Заспаната маса, како што би го нарекол образовниот систем, остави да биде тормозена. Ова беше мал чекор кон подобрување на образованието. Ако прекиневме и не се побуневме како професори за реформите и небулозите во образованието, за 20-30 години кога ќе се детектираше дека овие реформи се премолчиле во тој период, нашите наследници ќе се прашуваа кој беше одговорен за образованието во оваа држава и зошто дозволи истото да биде така да биде малтретирано”- порачува професорот  по историја Ристо Николески. С.Б.
Слично

Поврзани вести