Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПРОФ. ВЛАДО ДИМОВСКИ: “Послушајте го гласот на вашите учители за да ве дообразуваат!”

ПРОФ. ВЛАДО ДИМОВСКИ:  “Послушајте го гласот на вашите учители за да ве дообразуваат!”
Изјавата на првите луѓе од Министерството за образование и наука  да  се  оди по основните и средните училишта за да се бараат мислења од учениците како да се подобри екстерното тестирање е само популизам или замачкување на очи на јавноста во предизборна година, вели за Фактор професорот Владо Димовски од Наставничкиот пленум . Мислењето на учениците околу експериментот екстерно тестирање,  според него надлежните  го знаат веќе една година, имаат  доставени анализи и барања кои се конструктивни и издржани, само  вели треба  некој да ги прочита. “Подолго време одговорните во МОН, во состојба на немоќ или несакање нешто да направат за поквалитетно образование се служат со добро познатите методи на популизам демек ќе направат консултации со учениците. За своето мислење на учениците и наставниците  во МОН имаат и доставени анализи и барања кои се поткрепени со факти и аргументи.  Консултации и истражувања  не се прават  преку прес конференции”-вели професорот Димовски. За да се донесе било каков нов концепт на екстерно тестирање според професорот  мора да се направи истражување најпрвин за условите под кои се спроведува и ќе се спроведува екстерното тестирање,  па потоа да се разговара со директните учесници за реализација на концептот  на тестирање и квалитетно оценување. “Не сум убеден или пак недоволно ме убеди изјавата на заменик министерот дека навистина мисли сериозно да ги консултира директните учесници во овој процес, учениците и наставниците. Условите во руралните средини претежно во основното образование се очајни и без да се обезбедат адекватни услови за екстерно тестирање сметам дека било каков квалитетен концепт на екстерно тестирање ќе биде неуспешен како и досега. Друга работа е што во консултациите никаде не ги споменуваат  наставниците, зарем тие не се учесници во екстерното тестирање? Токму затоа сметам дека било каков концепт на екстерно тестирање приготвен во некоја канцеларија во МОН ќе биде неуспешен”-додава Димовски. Јавната дебата која досега неколкупати беше најавена од надлежните, во која треба да  бидат вклучени сите засегнати страни, според наставниците од Пленумот треба да биде со директно учество на практичарите и на оние кои досега излегле со предлози за надминување на аномалиите на досегашното екстерно тестирање. “Не очекувам ниту реална, ниту квалитетна  јавна дебата. Би сакал да ме демантираат од МОН околу моево очекување, но се сомневам. Посакувам повеќе јавни дебати, не една или две на кои по истражувањето ако го има би учествувале поголем број директни учесници во овој процес. За квалитетни јавни дебати треба учесници кои и досега работеле на анализи на екстерното тестирање а не само избрани истомисленици-ќутолози на кои ќе им напишат дискусии и ќе се сложат со мислењата на претставниците од МОН  и  ќе објават дека имало јавна дебата. Во редовите на Наставничкиот пленум,Средношколскиот пленум па дури и кај дел од родителите има наставници практичари, ученици и родители кои имаат учествувано и направено опсежни анализи околу експериментот екстерно тестирање. Јавни дебати  се прават после долго и опсежно  истражување и на јавните дебати се дискутира околу резултатите од истражувањата за преку нив да се дефинираат крајните заклучоци и предлози. Во одсуство на темелно истражување и анкетирање  само ќе излезе некој предлог од некои нестручни чинители и врз основа на тоа ќе се консултираат неколку директни учесници во експериментот и ќе ги донесат измените по скратена постапка”-нагласува професорот Владо Димовски. Досега во Министерството вели се поднесени повеќе иницијативи и барања  како за укинување на екстерното така и за поинаков концепт на екстерно тестирање подкрепени со анализи, истражувања и споредби со повеќе европски земји каде се реализира екстерното тестирање. Образованието додава,  е ресурс- процес и не бива квалитено образование со носење на  брзоплети измени. “Нема време да се направи ни минимално истражување за да се стигне периодот до полагањето на средношколците во јануари. Затоа мислам дека оваа учебна година треба да се одложи екстерното тестирање. Потоа да се подготви  еден поголем тим во кој би влегле стручни лица од МОН, наставници-практичари, ученици и родители кои би направиле анализа на досегашниот модел на екстерно тестирање, па да спроведе истражување и да предложи (ако веќе мора да се реализира екстерно) нов модел на тестирање. Последиците и досега се катастрофални. Успехот од овогодинешното екстерно тестирање е добар што според мене е нереален. Единицата во завршните свидителства предизвика проблеми кај средношколците за запишување на факултетите. Оценките од екстерното кои влегуваа во севкупниот успех на учениците исто така предизвикаа проблеми со намалување на крајниот успех кај некои од нив”- потенцира професорот од Наставничкиот пленум. Меѓу  наставниците вели Димовски  има голем број негови колеги кои во изминатиов период биле задолжени во своите средини за реализација на екстерното тестирање преку училишните комисии кои можат многу да помогнат во изнаоѓање на нов модел на екстерно тестирање, а нивното мислење треба само да се чуе, разбере и прифати! С.Б.
Слично

Поврзани вести