Продор на пазарот: Силк роуд ги зголеми кредитите за 4,5 милиони евра
Двоцифрен раст на добивката на Силк роуд банката. Оваа банка ја зголемила добивката лани за 15 отсто во однос на остварениот резултат во 2017 година, покажуваат официјалните податоци од извештајот на ревизорите. Оваа банка 2018 година ја заврши со нето добивка над 882 илјади евра ( 54.211.000 денари), а во 2017 година добивката изнесуваше околу 760.000 евра (46.998.000 денари).
Силк роуд прави постепен продор на пазарот и бележи раст во повеќе сегменти од работењето. Таа банка всушност и во 2017 година, година по промената на сопственикот (Алфа банка ја продаде на Силк роуд), успеа да направи консолидација на позициите и да ја зголеми добивката неколкукратно.
Силк роуд има раст на бруто кредитирањето лани, а значаен е растот кај кредитите на домаќинствата. Имено во текот на 2018 година, вкупната актива на банката изнесува 101 милион евра, брутокредитите на нефинансиските друштва изнесуваат 67 милиони евра и се за над седум отсто повисоки од претходната година, кога биле 62,5 милиони евра (зголемување од . Само кон домаќинствата Силк роуд на крајот на годината има пласирани кредити вредни над 41 милион евра, што е раст од дури 10 отсто во споредба со претходната година.
Инаку депозитината база на банката во 2018 година изнесува 75 милиони евра или за еден и пол милион евра повеќе од годината претходно, односно бележат раст од речиси два отсто.
Според податоците од билансите, Силк роуд банка има раст на приходите од камати и од провизии, но намалени расходи, што позитивно влијае на резултатот.
Нето каматниот приход лани изнесува 3,1 милион евра или за дури 574 илјади евра повеќе од 2017 година, кога беа над 2,5 милиони евра. Нето приходите од провизии изнесуваат повеќе од 838 илјади евра, но и кај нив има раст во однос на претходната година и тоа за 250 илјади евра.
Лани банката остварила добивка по акција од 85 евра, додека претходната година добивката беше 75 евра.
Ако се анализира сеопфатната добивка на друштвото, за една година таа пораснала за 40 отсто или ако во 2018 година е над еден милион евра, претходната е околу 750 илјади евра
А.Т.
