ПРОДОЛЖУВА ТРЕНДОТ НА НАМАЛУВАЊЕ НА БРОЈОТ НА РАБОТНИЦИ ВО ИНДУСТРИЈАТА, најголем пад во сектор Рударство
Продолжува трендот на намалување на бројот на работници во индустријата. Според последните податоците на Државниот завод за статистика, индексот на бројот на работниците во индустријата во септември 2022 година, во однос на септември 2021 година, изнесува 99.6, со што на годишно ниво имаме намалување од 0,4 проценти.
- Бројот на работниците во секторот Рударство и вадење на камен во септември 2022 година, во однос на септември 2021 година, бележи опаѓање од 3,3 отсто, во секторот Преработувачка индустрија опаѓање од 0,2 проценти, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 0,3 отсто. Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во септември 2022 година, во однос на септември 2021 година, бележи опаѓање кај Енергија за 6,3 проценти, Tрајни производи за широка потрошувачка за 2,1 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 4,9 отсто, додека пораст бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 0,9 проценти и Капитални производи за 7,3 отсто - се наведува во соопштението на ДЗС.
Индексот на бројот на работниците во индустријата во периодот јануари – септември 2022 година, во однос на периодот јануари – септември 2021 година, изнесува 98,5, со што се покажува дека во споменатиот период бројот на работници се намалил за 1,5 проценти.
