Економија, финансии, бизнис

Контакт

Продолжува соработката со контроверзниот Синохидро

Продолжува соработката со контроверзниот Синохидро

„Замрзнатите“ односи на Владата и Синохидро се одблокираа и продолжува соработката со кинескиот инвеститор, односно изградбата на автопатот Кичево – Охрид во должина од 57 километри. Со новиот предлог-закон усвоен на владина седница се овозможува ослободување на 205 милиони евра од претходно обезбедените финансии за проектот, со што ќе се продолжи работата. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески рекоа дека што е можно побрзо ќе се интервенира преку Собранието.

Претходно Анѓушев во една прилика истакна дека кинеската компанија Синохидро којашто го гради автопатот Кичево – Охрид ги наплатувала градежните работи на подизведувачите за 54% поскапо преку рефактурирање кон Јавното претпријатие за државни патишта. И Сугарески тогап рече дека изградбата на автопатот Кичево – Охрид, според стариот договор, ќе ја чини Македонија многу повеќе отколку што беше предвидено со првичниот договор од 376 милиони евра.

Стопирањето на овој проект беше главна причина за падот на градежните активности и на капиталните инвестиции оваа година во македонската економија.

Со нов, трет анекс ќе се утврдат цените за дополнителните градежни работи неопходни за одблокирање на проектот што беше во застој поради проблеми со проектната документација, несоодветни геомеханички испитувања, нерешена експропријација на земјиштето. 

Според договорот, ќе треба да се градат девет нови клучки и регионални патишта со оглед дека со постојниот проект не е предвидено поврзување на околните населени места со автопатската делница. 

Изградбата на автопатот стартуваше во февруари 2014 година и според постојниот договор требаше да чини околу 400 милиони евра.Со продолжувањето на рокот за изградба автопатот треба да биде готов до средината на 2021 година.

Слично

Поврзани вести