Продолжување на рокот за истраги ќе бара СЈО од надлежните
Специјалното јавно обвинителство очекува од Собранието, да ја воочат потребата од промена на Законот за СЈО и да го продолжат рокот од 18 месеци за завршување на истражните постапки и поднесување обвиненија против осомничените, објави „Мета“.
Според нив, рокот од 18 месеци не соодветствува со реалните можности за целосно и објективно истражување на сите содржини од незаконското прислушување.
„Ова јавно обвинителство постојано укажува на несообразноста на рокот со реалните можности за целосно и објективно истражување на сите содржини што произлегуваат или се поврзани со незаконски следените комуникации и во таа насока очекуваме релевантните институции да ја воочат потребата од промена на законската регулатива, што е во интерес на сите граѓани на Република Македонија“- велат од СЈО за „Мета“.
Во членот 22 од Законот стои дека јавниот обвинител кој раководи со јавното обвинителство може да поднесе обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и на материјалите во негова надлежност.
Јавното обвинителство на почетокот на декември лани на СЈО му предаде 36 предмети што произлегуваат и се поврзани со незаконското прислушување.
