Продолжуваат партиските препукувања за превозот на ученици во Струмица
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и денеска продолжија со обвинувања за тоа дали превозот на ученици во Струмица бил поскап од оној во Битола, за што градоначалникот Владимир Талески е во куќен притвор.
Власил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ тврди дека градоначалникот Зоран Заев доделил тендери од близу 1 милион на формата Тритерол, која е во сопственост на функционер близок на СДСМ.
„Mрежата на кланот Заеви е продолжена со уште една фирма преку која се испумпуваат пари на струмичани. Трет факт, фатени се во тесно, Заев молчи, а СДСМ освен навреди ништо другио не кажува, затоа го чекаме СЈО, наместо да се занимава со политички хајки во Битола, да влезе во општина Струмица и да го истражи целото сомнение за огромен криминал“ - вели Пишев.
Од СДСМ велат дека Пишев повторно одработува за Груевски и неговата партија и како послушен ученик ја извршува зададената задача од ВМРО-ДПМНЕ.
„Десет години, на сите институции во државата им е совршено јасно дека во Општина Струмица се работи чесно, транспарентно и согласно важечките закони. Општина Струмица и натаму добива награди и признанија за работењето, а оние кои се служат со лаги добиваат тужби кои на крајот ги губат. Така е и со случајот Васил Пишев“- реагираат од СДСМ.
Заев за обвинувањата кажа дека Пишев не разликува превоз на ученици и превоз на деца со посебни потреби, кои се превезуваат со такси и тоа е регулирано со закон.
