Продолжува судењето за „Диво насеље“ – месецов пет рочишта
Судскиот процес за случaјот „Диво насеље“ денеска продолжува во Кривичниот суд во Скопје по еден месец пауза.
Денешното рочиште е затворено за јавноста, затоа што во тек е испитувањето на заштитените сведоци, полициски службеници кои учествувале во борбените дејствија од 9 и 10 мај лани во Куманово. За месецов се закажани пет рочишта.
Процесот почна на 9 февруари и оттогаш беше прекинуван неколку пати, при што имаше спојување на предметите „Диво насеље“ и „Молња“.
Во предметот „Диво насеље“ обвинети се 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела терористичко организирање. Обвинетите се произнесоа дека не се чувствуваат виновни за делата кои им се ставаат на товар.
Во предметот „Молња“ обвинети се 8 лица за помагање на вооружената група.
Судењето сега се одвива во големата сала на Врховниот суд, која со одлука на Владата му беше отстапена на Кривичниот суд на привремено користење во рок од шест месеци.
Во настаните во Куманово загинаа осум полицајци од специјалните и посебните единици на МВР, а четириесеттина беа тешко повредени.
